Три месеци чекаме разврска за пожарот во тетовската болница, Бугарите за 2 недели ја завршуваат истрагата за трагедијата на Струма

Деновиве се очекува да заврши истрагата на надлежните во Бугарија за причините за страотната автобуска несреќа на автопатот Струма, во која загинаа 45 македонски државјани. Бугарските служби секојдневно ја информираат јавноста со детали од јавен интерес, па ниту бугарската ниту македонската публика до овој момент не фрли сомнеж врз образложувањата, односно извештаите што тие ги презентираат. Трагедијата се случи пред 11 дена. Разврската ќе биде брзо. Но, за жал ова не може да се каже за траорниот 8 септември, кога во пожар во модуларната болница во Тетово живи изгореа 14 луѓе.

Три месеци по оваа трагедија, три месеци по ветената брза истрага, јавноста слуша само една иста приказна: виновен е продолжен кабел на кој бил приклучен апарат за реанимација, полнач за телефон и уште еден уред. Никаде го нема извештајот од германските експерти кои дојдоа по несреќата да истражуваат, оти македонските власти сакаа да покажат дека овозможуваат меѓународна истрага. Со други зборови, да покажат дека се ќе било непристрасно. Но, до денеска, ниту видовме извештај, ниту некој одговараше за трагедијата. Во јавното обвинителство е пристигнат и извештајот од Технолошкиот факултет, кој треба да даде одговор за материјалите од кои е изградена болницата и дали тие се според пропишаните стандарди. Но,повеќе детали не откриваат.

-Предметот е во фаза на предистражна постапка во која интензивно се постапува за утврдување на фактите. Пристигнато е вештачењето од МВР ОКТИВ, кое обвинителството веднаш го објави и кое се однесува на директните причини за самиот пожар. Беа наредени и извршени уште две вештачења – од Технолошкиот факултет и од електроинжинер. Извештаите се пристигнати во обвинителството и се анализираат во корелација со останатите пристигнати докази. Се очекува вештачењето од германските експерти кое беше побарано преку меѓународна правна помош, кое се уште не е пристигнато. Во меѓувреме се сослушуваат сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот, велат од ЈО за Алфа.

За трагедијата во Тетово нема одговорност, прашање е дали и за оваа со македонскиот автобус некој ќе одговара. Меѓу последните информации слушнавме само префрлање на топката. Директорот на инспекторатот за транспорт вели регистарска табличка како таа на кобното возило на „Беса транс“ не постои, значи нелегално минал преку Деве Баир, со нерегистриран автобус. Па, прстот го впери во МВР. Оттаму молчат.

Претходна вестОд 18 часот дел од Центар без вода
Следна вест„Зимско арт-бостание“ денеска се „крева“ во Ново Лисиче