Kолумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Ги ситниме последните часови на 2020 г., која беше тешка за повеќето од нас, опасен вирус нè нападна, загубивме луѓе – блиски, сакани, без спокој во животот сме, ни се рони достоинството и честа, историјата ни е на клада, а срамот и бламот ни станаа секојдневие! Во пресрет на Новата година и Божиќ во светот постојат многу различни обичаи кои се изведуваат.
Еве, еден многу убав обичај од европскиот Север (власта северна посебно е наклонета кон таа страна)! За време на Божиќната вечер, луѓето во Исланд си подаруваат едни на други книги и потоа ја поминуваат ноќта читајќи ги книгите и јадејќи чоколадо. Оваа традиција довела до создавање на зборот „Јолабокафлод (Jolabokaflod)“, што во превод значи Божиќна книжна поплава.
Во подготовките за Божиќното подарување, среднвековните Саги се најчитана литературана форма во Исланд. Но, таму, читањето е задоволство и традиција, за што говори една нивна поговорка: „подобро е да сте без чевли, одошто без книга“!
Ова наравоучение во нашето општество, нема резонанса, дури и кај оние кои треба да читаат, да воспитуваат и да образуваат! Кај нас за чевлите се работи или да парафразирам за „Бентли“! Тоа е така, затоа што вредносниот систем што треба нè прави совесни, посветени, родољубиви, човечни, морални, чесни и воспитани е целосно урнисан! Најлошото од секаков вид е во зенит на вредносниот систем!
Притоа, најдоходовни дејности се декденцијата и простотилакот, криминалот и арамилакот, марихуаната и дрогата, богатењето на малкумина врз грбот на многумина осиромашени, недемократијата и авторитарноста! За да ова се промени и за да Новата година биде подобра и поуспешна, неопходни се три работи – да знаеме во што треба да веруваме, да знаеме што треба да сакаме и да знаеме што треба да направиме.
Ова значи, да се облагородиме најпрвин себеси, потоа и другите, и да создадеме нови вредности! Да ја промениме нашата стварност врз основа на автентична мисла, идеја, дејствие и постапка, а Македонија нека биде наша вера и храм!
Бидете живи, здрави и паметни! Среќна и благодатна 2021 година!