Трифонов ја напушта бугарската Влада, Петков најавува дека е подготвен за малцинска

Партијата „Има таков народ“ излегува од коалицијата во Владата на бугарскиот премиер Кирил Петков со што се доведува во прашање нејзиниот опстанок. Лидерот на оваа партија Слави Трифонов денеска во свое вонредно обраќање соопшти дека ги повлекува министрите од владината коалиција. Како причина тој ги наведе нејзиниот однос кон Македонија и економско-финансиската ситуација во Бугарија. Тој го обвини премиерот  Кирил Петков дека „грубо, еднострано и безмилосно го крши потпишаниот коалициски договор“.

– Ставам крај на оваа коалиција и агонија. Има две причини зошто оваа коалиција не функционира и зошто не ни е место во неа – Северна Македонија и тоа што нема повеќе пари во државата. Македонија е важен дел од нашата историја и нашата душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ. Ова се нарекува општо национално предавство, категоричен беше Трифонов.

Тој додаде дека премиерот Кирил Петков води поинаква надворешна политика од онаа на министерот за надворешни работи и Советот за национална безбедност.

-Премиерот си зеде свој министер за надворешни работи која се вика Весела Чернева и на различни лидери во Европа и во светот им ветил дека ќе го крене ветото за РС Македонија и прави се што може тоа да се случи и покрај тоа што огромен дел од бугарските граѓани бараат РС Македонија да го исполни договорот меѓу двете држави. Македонија е важен дел од нашата историја и душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ“,  вели Трифонов.

Претходно министрите од „Има таков народ“ ја напуштија седницата на Владата поради, како што вели Трифонов, лошиот буџет на Асен Василев.

-Откако Асен Василев е министер за финансии, милијарди летаат горе-долу во земјата. Не знам како ти звучат овие милијарди. Ова се наши пари, сите наши пари и никој нема право да експериментира со нив, да ги троши сам. Никој не знае  како е потрошена најголемата сума во историјата на Бугарија . 4 милијарди лева беа исцедени од енергетскиот сектор и потрошени за тековни потреби. Со други зборови, се земале пари од енергетиката и се трошеле бидејќи немало доволно други приходи. За купување жито се земени 1,2 милијарди од државните компании. Сепак, нема жито, а 1,2 милијарди лева. ги нема каде се? Како ви звучи намерата на Асен Василев да повлече нов долг над 10 милијарди лева само за оваа година? Што мислите, кој ги плаќа овие пари, дали тој ќе ги плати или ние и нашите деца. Па, немам деца, но загрижен сум за сите, додаде Трифонов.

Од друга страна, премиерот Кирил Петков денеска изјави дека категорично одбива да се потчини на уцените на Слави Трифонов. Петков најави дека ќе води малцинска влада наместо „да дозволи да му ги виткаат раете“.

– Подготвени сме за малцинска влада, но нема да потрошиме ниту лев без надзор, изјави премиерот Петков.

Претходна вестДизелот поскапува за 2,5 денари за литар
Следна вестAрсовска: Почнуваме со реконструкција на повеќе улици и булевари низ Скопје