Трите грешки на скопјани во исхраната

Колумна на др. Александар Митов

Толку многу (дез)информации на тема исхрана кружат наоколу во последно време, не е ни чудно ако човек се чуствтува збунет и преоптоварен со информации, па не сака ни да чуе нешто дополнително. Но, за среќа, постојат едноставни начини за брзо да се ориентираме каде потенцијално грешиме, и како најлесно и најбрзо да го подобриме својот начин на исхрана.

Според мене, треба да помислиме на три работи кои особено често се надвор од границите на препорачаното: тесто, сирење и месо.

Најчеста грешка е токму тестото или лебот. Секако, не секој леб, туку токму белиот леб. Сосема е јасно дека е вкусен, речиси секому е вкусен особено кога е топол и во комбинација со одредени јадење просто може да биде неодоливо вкусен. Но, токму заради причината дека го користиме секој ден, ние или можеме многу да си помогнеме со оваа навика, или , за жал, многу да одмогнеме на своето здравје. Се’ е подобро отколку обичниот бел леб. Особено ги препорачувам интегралните, или т.н. лебови од цело зрно. Ова е според мене најчестата грешка во нашата исхрана.

Втората грешка е претерувањето со сирењето. Сирењето не само што е мрсно, туку е и доста солено, а таа комбинација е многу проблематична за нашето здравје. Кога им зборувам за сирењето на моите пациенти, користам еден збор – зачин. Значи, нека остане сирењето во исхраната, но користете го како зачин. Просто нека ви го разубави јадењето, нека ви даде поубав вкус или мирис, но немојте да јадете големи количини сирење. За жал, сирењето знае да создаде уште поголема зависност отколку тестото, и не ретко среќавам пациенти кои велат дека јадат сирење со доручек, ручек и вечера. Тоа е сигурен пат за си ги замастите крвните садови, холестеролот и триглицеридите да одат во плафон, и да започнат сериозните здравствени проблеми.

Третата најчеста грешка е месото. Ако сирењето го нарекувам зачин, за месото им велам на пациентите дека тоа не е секојдневна храна. Реченицата „нема ручек без месо” треба да се заборави. Напротив, има многу вкусни ручеци кои не вклучуваат месо. А и кога се користи, рибата исто спаѓа во месо и треба да се одбира попрво од останатите, заедно со белите посни меса. Месото може да биде дел од празничните или големи семејни ручеци и во такви количини, и со таа фреквенција, нема да ги даде штетите на здравјето кои ги прави при секојдневна консумација.

Затоа, сосема накратко – што повеќе овошје, зеленчук и мешунки, а што поразумно да се користат тестото, сирењето и месото.

Претходна вестМлад кичевчанец падна во рацете на полицијата
Следна вестПомен за загинатите во бродската несреќа на Охридското Езеро