Тројца Руси минатата недела поставија рекорд со скокање со падобрани од Земјината стратосфера на Северниот пол во мисија која послужила како тест за нов прототип на комуникациски систем за употреба на Арктикот, соопшти организаторот на тој потфат Никита Цаплин.
Михаил Корниенко, Александар Линик и Денис Ефремов скокнале од авион иљушин Ил-76 на висина од 10.500 метри и две и пол минути слободно паѓале пред да ги отворат своите падобрани на 1.000 метри од земјата, а сè е снимено на спектакуларното видео.
Сите тројца падобранци претрпеле смрзнатини на образите, и покрај греаните маски. Од авионот скокнале и паѓале со брзина поголема од 300 километри на час, со температура околу -50 Целзиусови степени, со чувство до -70 степени, кажал Цаплин.
Стратосферата е слојот на Земјината атмосфера кој се протега од 10 километри (на половите од околу 8) до висина од околу 55 километри. Во нејзиниот долен дел температурата не се менува (околу -56,5 Целзиусови степени над половите и средните ширини, односно -85 над екваторот), но поради апсорпцијата на ултравиолетовото Сончево зрачење во озонскиот слој расте со висината, на врвот со вредност од околу -2 степени.
Михаил, Александар и Денис се спуштиле во близина на руската поларна база Барнео, каде успеале да воспостават врска со сателит. Опремата била претходно фрлена од авион на пониска брзина.
Комуникациите на Арктикот ќе станат сè поважни бидејќи Русија, САД и Кина се натпреваруваат за ресурси, трговски рути и воена предност. Цаплин кажал дека Русите успеале да испратат податоци со помош на експериментален систем, но засега немаат ништо што би се споредувало со американскиот систем Иридиум комјуникејшнс, кој нуди комуникациски услуги и ги покрива двата Земјини пола.
-Нашето решение засега е прототип, но сепак од нашиот сервер се споивме со сателит и извршивме пренос на податоци. нормално, тоа сè уште не е Иридиум, но направивме мали чекори во таа насока и тоа беше нашата задача, да видиме колку е реално да се реализира евтино решение за со компјутер да се поврземе со сателит, кажа Цаплин.