Тројца од напаѓачите кои извршија терористички напад вчеравечер во Виена, покрaј австриското имале и македонско државјанство, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Македонија.
Во соопштението објавено на интернет-страницата на МВР се наведува дека преку Европол, австриската полиција, до Министерството за внатрешни работи доставила барање за соработка и информации околу терористичкиот напад кој се случи синоќа.
-Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај, информираат од полицијата.
Како што додаваат од полицијата, остварена е и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц.
– Премиерот Курц изрази благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба, стои во соопштението од МВР.