Со премиера на операта во четири чина „Трубадур“ на Џузепе Верди, на 9 мај во Националната опера и балет ќе биде отворен 52-от фестивал „ајски оперски вечери“ кој до крајот на месецот ќе понуди програма во која покрај оперски дела ќе има и една балетска претстава.
Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимограф Марија Пупучевска и кореограф Саша Евтимова. Во насловната улога ќе настапи нашиот тенор Зоран Сотиров, а во екипата се домашни артисти и гостинка од Србија – мецеоспоранот Сања Анастасија во ликот на Ацучена.
„Трубадур“ репризно ќе биде изведена на 11 мај кога во екипата ќе има странски солисти (Канада и Чиле), а диригентот ќе биде домашен (Иван Еминовиќ).
– Имаме врвен авторски тим и очекуваме одлични резултати. Премиерата е речиси продадена, се продава и репризата, тоа го навестува успехот – истакна Орце Ицковски, уметнички раководител на Операта на прес-конференција.
Како што рече, се потрудиле да направат ексклузивна програма која, покрај премиерата и репризата на „Трубадур“, ги има и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија, операта „Валкира“ на Вагнер на 18 мај, со која ќе гостува Софиската опера и балет. Ова ќе биде прва изведба на Вагнеровото дело на нашата сцена и, како што рече Ицковски, тоа е најексклузивен настан на фестивалот.
Во годината посветена на Џакомо Пучини ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и гости од Србија и Романија, а новина за овие Мајски оперски вечери е изведбата на камерна опера – современа а капела опера „Свадба“ со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ со солистка од Австрија во насловната улога (Моника Медек) и гости од Кина, Италија и Бугарија во екипата во која е и нашиот бас Игор Дурловски. Диригент на „Аида“ ќе биде Нимрод Дејвид Фефер од Израел –диригент во престижната опера „Метрополитен“ во Њујорк