Царовска: Новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој

Меѓународниот ден на образованието – 24 јануари годинава го одбележуваме во време на пандемија којашто ни наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање на решенија за непречена настава и квалитетно образование и во овие исклучително сложени услови. И покрај пандемијата Министерството за образование и наука продолжува силно да вложува во образованието и во подготвувањето на целосна нова реформа која ќе гарантира подобро и поквалитетно образование за нашите деца. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод денешниот Меѓународен ден на образованието.

– Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина, вели Царовска.

Министерката Царовска потенцира дека и во време на пандемија е овозможено образовниот процес да тече непречена настава со комбинираниот модел: настава со физичко присуство, онлајн и со емитување часови на телевизија што не беше ни малку лесно. За сето ова да успее најголем придонес имаат учениците, наставниците и родителите.

Инаку, за потсетување, неодамна, МАНУ и нејзиниот претседател  Љупчо Коцарев отворено застанаа против предложениот концепт на реформата.

– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Никој не е против пишување на нови учебници по историја и воведување на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини, но не само во Македонија. Меѓутоа да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, потенцира академик Коцарев.

Сериозни забелешки на реформата имаат и од најголемиот универзитет, Филозофскиот факултет, Педагошкиот факултет во Скопје, бројни институти…

Претходна вест228 санкционирани возачи во Скопје
Следна вестМВР: За неносење маска казнети 385 лица