Центарци ги чекаат од градоначалникот Богдановиќ спортската сала, градинката, новите паркинг места…

Воведувањето на паралелно паркирање со реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ само делумно ќе воведе ред во паркирањето на подрачјето на скопската општина Центар. А проблемот со паркирањето е еден од најголемите кои ги има ова централно градско подрачје. Многу нервози, стресови, загадување на воздухот, предизвикува движењето на бројните возила кои секојдневно бараат слободно место за паркинг. Сигурно и заради тоа актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ ветуваше дека до 2021 година центарци ќе добијат нови 2.000 паркинг места со изградба на подземни гаражи во новиот спортски центар во Градскиот парк, со изградба на монтажни паркиралишта, проширување на постојните. Но, и по речиси една и пол година од мандатот на градоначалникот, центарци се уште чекаат на нови паркиралишта.
– Секојдневно се нервирам околу паркирањето. Пред нашата зграда и другите згради има малку паркинг места, но и тие ни се постојано зафатени од вработените во МВР кои тука се паркираат, од вработените во повеќе фирми кои ги има тука. Ние не смееме да мрднеме од паркингот оти ќе ни го зафатат цел ден, ни рече Горан Костов, жител на улицата „50-та дивизија“.
Така, се чини, ќе биде се додека не се реализира ветувањето за новите паркинзи, а за што време има се помалку.
И новата спортска сала во Градскиот парк која што е, исто така, изборно ветување се уште не е почната да се гради иако проектот е готов. И за неа е големо прашање дали ќе стаса да биде направена до крајот на мандатот на градоначалникот кој трае до 2021 година, со оглед на тоа дека се работи за голем градежен објект. Слично на ова, почеток на градба чека и ветената нова детска градинка во населбата Маџир Маало, а во која треба да се згрижуваат околу 150 деца и од населбите Пролет, Ново Маало и Крњево. Извесно е само дека и годинава нема да почне да се гради бидејќи надлежното министерствло неодамна соопшти дека ќе се градат градинките во Ѓорче Петров, Гази Баба и Шуто Оризари, но не и во Центар.
Сето ова кај жителите на Центар предизвикува сомнежи дека ветените проекти кои им се потребни ќе бидат и реализирани.
– Не се решени едноставните барања на граѓаните, а не пак да се започнат поголеми проекти. Прошетајте на ул.„Загребска“, карши црквата Свети Јован, ќе забележите повеќе од 30 сандаци со пчели. Погледнете и кај паркингот на „Загребска“ 28. Ни брза помош ни пожарна не можат да влезат од хаосот. Ако некој не е во состојба да дислоцира сандаци со пчели и да среди еден паркинг како да очекувам да се позанимава со нешто покомплексно. Едноставно не им верувам, смета Кристина Тасевска од Центар.
Центарци, очигледно, го бараат она што им е ветено дека ќе се направи. Во својот едногодишен отчет градоначалникот Богдановиќ се пофали со неколку реконструирани улици, две игралишта, 500 заштитни столпчиња на улиците, 100 нови канти за отпадоци, преиспитување на ДУП-овите, 8 нови и две реконструирани училници, собран 21 тон отпад, сервис за старите лица, бесплатни часови по англиски во градинките, кофинансирање на енергетски фасади, покриви…
Се чека и на кула за прочистување на воздухот
До крајот на 2021година жителите на Центар треба да добијат и кула за прочистување на воздухот, со капацитет од 30.000 м3 воздух. Овој, како што е наведено во изборната програма на градоначалникот, „најреволуционерен патент за прочистување на воздухот“ треба да овозможи прочистување на воздухот за неверојатни 70-75 проценти преку „заробување“ на штетните честички. Но, и оваа зима во која загадувањето на воздухот достигнуваше енормни граници граѓаните останаа без ваков вид помош.