Црн чад повторно се крева од Сарај, ќе се откријат ли сега загадувачите?

На повеќе локации на подрачјето на општина Сарај повторно се палат ѓубришта и стрништа, што предизвикува значително загадување на воздухот и во други скопски општини. Фотографии со запалените гуми, пластика и други работи кои се појавија изутрина на Фејсбук страницата на граѓанската иницијатива „Скопје дише“ тоа најдобро го покажуваат. Облаци црн чад со лоша миризба од огновите во близина на Железничкиот мост се ширеа и на соседните општини чии граѓани мораа да го вдишуваат загадениот воздух.

Се уште не е познато кој стои зад овие палења кои што се случуваат само неколку дена по слични палежи на подрачјето на истата оваа општина. Црниот чад тогаш се креваше над локациите во атарите на селата Крушопек и Лаки. Но, и покрај алармирањето на јавноста надлежните служби не и соопштија дали биле откриени предизвикувачите на пожарите.
Соработуваат ли по ова прашање градоначалниците на Скопје, на Сарај, на Ѓ. Петров и на Карпош?