Црниот корона биланс мина 4.000 починати, се знае ли како понатаму во битката?

Бројката на починати од корона вирусот во Македонија вчера ја мина бројката од 4.000 лица. Поточно, таа е 4.022 починати пациенти. Многу загрижувачко!

Поразителен е билансот од 14-месечното траење на пандемијата на корона вирусот. За жал, очигледно е дека овој црн биланс нема да застане на ова бидејќи новиот пик на мутираниот вирус секојдневно остава се потешки последици. Само во изминативе десет дена починаа вкупно 380 лица, при што само на 2 април битката со болеста ја загубија 50 заболени. Македонија со 1.909 починати лица на еден милион жители е и меѓу водечките земји во регионот, веднаш зад Црна Гора, БИХ и Словенија. 

Зошто е така? Се превземаат ли дополнителни мерки за да се намали смртноста?

Повторно е време да се постави истото прашање кое се поставуваше кога почнаа да умираат први инфицирани лица, кога црната бројка стаса до илјада, две, три илјади зацрнети семејства. Може ли да се направи повеќе за да тешките последици не бидат вакви? Се бара ли помош и од медицински експери од странство за да дадат некои дополнителни упатстава? Се направи ли подобра поврзаност на матичните лекари и болниците? Се подобрува ли можноста за тестирање и проем во болниците? Впрочем, во изминатиов период на површина излегваа многу слабости кои сега веќе не би требале да се повторуваат – се работи ли на тоа?

Секако, потребен е и поодговорен однос на граѓаните кон почитувањето на мерките. 

Инаку, сега јасно се гледа и какви погрешни биле проценките давани лани на почетокот на пандемијата. Тогаш и министерот за здравство Венко Филипче и првиот епидемиолог Жарко Караџовски проценуваа дека ќе имаме околу две илјади заболени, околу 150 починати лица… Колку е тоа во споредба со повеќе од 135.000 заболени, со повеќе од четири илјади починати, лесно може да се пресмета. Но, да речеме дека и во други земји направија погрешни проценки, но сега таму смртноста не е така голема.

Битката со вирусот продолжува, вирусот нема намера сам да се совлада, напротив тој демне нови жртви!

Претходна вестЧулев: Истрагата за пасошите беше комплетирана кога бев министер, зошто Спасовски чекаше недозволиво долго?
Следна вестСе празнува Благовец, денот на Богородица, денот на мајките