Тунџев: Цените на услугите на Катастарот се реални, во просек поскапеа за 25 до 30 проценти

Реални се новите цени на услугите на Агенцијата за катастар кои во просек поскапеа за 25 до 30 проценти, изјави денеска директорот на АКН, Борис Тунџев. На брифингот со новинари тој ги отфрли тврдењата на Коморрата на геодетски друштва и на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека цените се зголемени за 100, 200, па дури и за 500 проценти. Според Тунџев, причина за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, како и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катстарските ИКТ системи.

Тој тврди дека има зголемување за одредени производи, за одредени намалувања, а дел се останати на исто ниво.

-Со новиот тарифен модел, поединечните цени на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем и надоместот за впишување во Катастарот на недвижности, не се енормно зголемени. Напротив, тоа се цени кои се на ниво на реално направените трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи, кои се од исклучителна важност, рече Тунџев.

Директорот на АКН најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.

На брифингот за новинари сакаше да присуствува и претседателот на Комората Рибароски, што не му беше дозволено со образложение дека настанот е за информирање на медиумите, а тој може да побара прием за разговор.

Деновове опозициксата ВМРО-ДПМНЕ обвини дека со новиот тарифник на катастарот, за кој дала согласност Владата, цените на услугите се значитлено поскапени.

-Ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари; ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари; ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестВо Кинотека: Ретроспектива на филмови на Јиржи Менцл
Следна вестАпасиев и Крмов го посетија вечниот дом на Јосип Броз Тито