Туристи договараат аранжмани со „Беса Транс“, надлежните тврдат не можат ни вонреден надзор да направат

„Беса Транс“, агенцијата во чии автобус изгореа 45 луѓе на 23 ноември во Бугарија, продолжува да организира тури за Истанбул од јануари натаму. Ова од самата агенција им го потврдиле на дел од медиумите кои се обиделе да дознаат дали е вистина дека и покрај забраната, додека трае истрагата, „Беса транс“ сепак работи. Дојавата стигнала од македонски граѓани кои се јавиле директно таму во обид да резервираат патување во Турција.

Од агенцијата за медиумите рекле дека се уште не знаат како и кога ќе се патува, но дека тоа ќе биде во јануари. Откако информацијата одекна во јавноста, вчера „Беса Транс“ и официјално се огласи.

-На 8 декември, се појавија шпекулации дека „Беса транс ДООЕЛ“, наводно, од јануари 2022 година повторно ќе вози патници (екскурзии) од Р.С. Македонија до Турција и обратно. Целосно ги демантираме таквите шпекулации и ја известуваме пошироката јавност дека „Беса транс ДООЕЛ“ ниту може, ниту сака да организира транспорт (екскурзии), бидејќи компанијата е фокусирана на соработка со институциите на Македонија и Бугарија, за брзо да се откријат причините за ужасната несреќа, се вели во објавата на фејсбук-страницата на агенцијата.

Во меѓувреме, уште трае истрагата за кобната несреќа. Додека македонските власти тврдат дека не можат да достават барање за вонреден инспекциски надзор до „Беса Транс“ со образложение дека агенцијата не работела, газдата најтранспарентно се појави на интервју во Бугарија. Бугарските надлежни органи најавија брза разрешница на случајот, додека во Македонија уште не може ниту да се влезе во агенцијата за да се направи надзор.