Туристите не очекуваат дека на главниот плоштад ќе мора да се бранат од кучиња-скитници

Зоран ТАНЕВСКИ, туристички водич, го прашуваме за тенденциите во однос на посетувањето на градот од страна на туристите и што треба да се подобри во градот за таа цел.

о Дали може да се каже дека Скопје станува се поатрактивен град за туристите кои го посетуваат?
-Точните податоци не ги знам но доволно е да се помине низ центарот на градот за да се види дека бројот на туристите се зголемува. А ги има од најразличните земји, почнувајќи од сoседните па до далекуазијските земји. Има многу групни доаѓања, но има многу и индивидуални туристи кои во Скопје доаѓаат со ефтини авионски летови. Посета на Скопје од страна на туристите од далечните земји се должи на пакет-аранжмани од 7-20 дена со кои се посетуваат повеќе земји и градови во регионот и при што Скопје, Битола, Охрид.. се дел од оваа тура. Ова, мислам, се должи на фактот што последниве години туризмот на Балканот е во експанзија. Во повеќе балкански земји има голема посетеност од страна на туристите. Сето тоа се случува напоредно со стабилизација на состојбите во земјите во регионот, по големите воени кризи. Со тоа посета на балканските земји за туристите станува еден вид егзотика со која се посетуваат земјите во кои тие до сега воопшто не биле. Американците, на пример, сакаат да ги видат местата за кои слушале непријатни вести, Турците, пак, да ги видат местата во кои голем дел од нив имале семејни корени…

о Има ли туристи од некои земји кои досега не биле многу застапени во Скопје?
-Најспецифично е дека сега почнаа во поголем број да доаѓаат туристите од Полска. Тоа е благодарение и на фактот што има редовна авионска линија и автобуски врски. Со тоа речиси да нема недела во која во градот не доаѓаат по 2-3 групи туристи од Полска. Освен во Скопје тие одат и во Охрид. Има доста гости и од Малезија, но и од Индонезија. Се почесто се среќаваат и гости од Јужна Кореа.

о Дали туристите имаат многу забелешки за градот?
-Прво реагираат на кучиња-скитници кои веднаш им се прилепуваат и тоа најмногу во централното градско подрачје. На туристите им станува непријатно, се плашат да не бидат каснати, нападнати. Велат, дојдовме тука да уживаме во прошетката, а ваму стравуваме дали ќе не нападнат кучињата. Еден турист ми рече: „Тоа што има кучиња-скитници на плоштад е знак дека земјата е и сиромашна, но и неорганизирана и не знае да го реши тој проблем. Западните туристи се чудат кога ќе ги видат на плоштадот оти тоа кај нив не постои како проблем. Им пречат и расклиманите плочки на улиците бидејќи може да се сопнат и повредат, им пречат двесетте коли кои постојано се пракирани пред влезот во чаршијата и заради кои тие се провлекуваат и валкаат за да поминат. Не ми е јасно како се дозволува таму паркирање?
Им пречи и нехигиената во градот, но забележуваат дека за тоа се повеќе виновни граѓаните кои фрлаат отпадоци отколку комуналците. Реагираат и на незавршените објекти на плоштадот, кај Триумфалната порта. Прашуваат зошто е ова оставено така… Им пречи и што нема патокази во Старата чаршија…

о Што треба да се подобри во градот за да имаме уште поголем број на туристи?
-Голем проблем е што во централното и другите подрачја во градот се немаат обележени и резервирани простори за паркирање на туристички автобуси. Во Мостар, на пример, во близината на познатиот мост има уредено паркиралиште со тоалети, со кафулиња. Кај нас тоа го нема. Туристичките автобуси на свој ризик застануваат на одредени места во центарот и ризикуваат да бидат казнети од полицијата. Застануваме, на пример, кај Стара железничка станица, а туристите ме прашуваат каде би можеле да отидат во тоалет? Од немајкаде ги упатувам да одат во тоалети во „Рамстор“ бидејќи нема каде друго. Зошто тука да нема уреден простор за паркирање на туристички автобуси каде ќе можат да здивнат и да се освежат? Тие ќе си плаќаат за паркирањето и градот ќе добие приход.
Лошо е и тоа што Старата чаршија се повеќе губи од својата автентичност. Старите објекти од 1-2 ката сега стануваат четирикатници. Видете само тој дел кај хотелот „Арка“. Тоа не е добро оти со тоа ќе се загуби туристичката вредност. Треба, едноставно, повеќе нешта да се стават во функција на туристи.