Уапсен е тетовецот кој со камион прегази три лица

Уапсен е 43-годишниот маж кој кој на 7-ми март на клучката Стенковец прегази три лица и побегна. Обвинителството за него побара притвор.

– Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 43-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека сторил Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Тој на 7 март управувал товарно возило „Мерцедес“, по средната сообраќајна лента од автопатот Мајка Тереза, во близина на клучката Стенковец, не се придржувал кон прописите, го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

Тој не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, густината во сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навреме да запре. Со предниот десен дел од возилото со кое управувал удрил во левиот страничен дел на товарно возило „МАН“ со кумановски регистарски ознаки кое било запрено на десната сообраќајна лента наменета за принудно запирање поради дефект.

По ударот, запреното возило се придвижило нанапред и удрило во телото на едно оштетено лице кое стоело меѓу кабината и товарниот сандак и изведувало механичарски работи над товарното возило „МАН“.

Од ударот оштетениот добил тешки телесни повреди и починал на лице место, а со телесни повреди се здобил и шоферот на запрениот камион и уште едно лице кое стоело во близина.

По несреќата, осомничениот веднаш го напуштил местото без да им укаже помош на повредените, се вели во соопштението на Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор спрема осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и вештаците или да го повтори делото.

Претходна вестВладиниот план за чист воздух е пример како не треба да се работи
Следна вестПрво прашање за уставната дебата: Сака ли ЕУ воопшто нови членки?