Полицискиот систем „Сејф Сити” значително го среди сообраќајниот хаос во Скопје. Но, не целосно. Сега навистина се вози поспоро и ретко некој поминува на црвено на семафорите, но неодговорните возачи и понатаму често возат пијани, а и паркираат каде ќе посакаат.
Вчера на пример полицијата привела 46-годишен возач од Скопје кој на улицата „Бранислав Нушиќ” во Скопје, удрил во две паркирани возила. Му било извршено алкотестирање и било констатирано дека управувал возило под дејство на алкохол, односно дека има дури 4,01 промили алкохол во крвта.
Вакви безобѕирни управувања со моторно возило низ Скопје има многу, а нив не ги ловат камерите на Сејф Сити. Потребна е поголема присутност на полицијата низ градот и да прават контроли, а не да прават истраги откако пијаните ќе предизвикаат сообраќајки.
Воедно, скоро да нема тротоар кој не е зафатен со паркирани возила низ Скопје. Таквата појава ретко се санкционира, затоа е и масовна. Нека прошетаат полициските функционери низ градот, ете да речеме во Кисела Вода и Центар па самите ќе видат дека има многу недовршена работа за сообраќајците.






