Убав е новиот парк „Ибни Пајко“, ајде сега позеленете ги и другите запустени парцели

Убаво е да се види дека во Скопје има нов мал парк. Но убаво ќе биде ако градските власти веднаш се запрашаат: а уште колку запуштени парцели има по градот каква што беше таа на која сега никна новиот парк „Ибни Пајко“ зад Македонската филхармонија? Веројатно секој скопјанец знае да наведе по некоја на подрачјето на својата општина. Ги знаат по тоа што тие парцели, не многу големи по површина, со години стојат неуредени, со гола земја, исушени треви, и служат како места за нелегално паркирање или за фрлање отпадоци. Примерот со новиот парк, за кој градските власти не потрошија ниту еден денар, е најдобар патоказ што треба да се прави. Вакви парцели по градот, едноставно, треба да се претвораат во нови мали паркчиња и уредени зелени површини, се со цел да се искористи секој дел од просторот за ваква намена.
Речиси да нема скопски општински градоначалник кој во својата програма не ветил создавање на нови паркови. Тоа треба и да почне забрзано да се реализира. Со „Ибни Пајко“ се виде колку таа промена е убава за изгледот на градот.
Нека се растрчаат градоначалниците низ Скоје и нека ги најдат тие парцели. На Скопје му требаат нови паркови. Па нели ќе бидеме зелена престолнина на Европа?