Убаво, необично: „Џабе живиш у Скопје” – нова книга од Зоран Спасов Ѕоф

Нова книга од авторот Зоран Спасов Ѕоф. Тој вчера заедно со одбрано друштво, со многу хумор, анегдоти и музика го промовираше своето најново книжевно дело „Џабе живиш у Скопје”.

Оваа необична и интересна книга е збирка на актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и други ними“, таа е вивисекција на скопските (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот кон неговото Скопје.

-Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е цврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… , беше посочено на промоцијата на книгата.

Авторот на промоцијата истакна дека откако му се оддолжил на Торонто со својата книга „Торонто експрес” и на Тито со „Тито, мојот претпоследен херој”, сакал да му се оддолжи и на Скопје, на скопскиот дијалект и хумор.

– Идејата за „Џабе живиш у Скопје” е стара три години, но пишувањето и преродбеничката активност траеја повеќе од две. Едноставно, дојде денот кога ова мораше да се напише зашто постоеше сериозна опасност скопскиот сленг да изумре како таков. Ако го исклучиме Пемба из Ниш од „Среќна Нова…”, сфаќаме дека сите дијалекти се негуваат, освен нашиот – скопски, што е анатемисан од сите институти и институции. Насловот на книгата е комбинација на два збора што ги нема во литературниот македонски јазик, но затоа, пак, ги има во скопскиот „јазик” и, нормално, самото Скопје, потенцираше авторот.

Во промоцијата на книгата учествуваа и Игор Џамбазов, Бранко Огњановски и Сашо Мацановски-Трендо. Тие, како што рече авторот, биле инспирација за дел од анегдотите и шегите во книгата, а се најдоа и на корицата на изданието.

Претходна вестМаричиќ знае и кога во Македонија ќе имаме европски животен стандард
Следна вестЗагина велосипедист во сообраќајка на обиколницата во Скопје