Убедлива победа на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација ја забележа првата победа под водството на новиот селектор, Благоја Милевски, откако рутински со 0:4 ги победивме аутсајдерите Лихтенштајн, прекинувајќи ја низата од три ремија од претходните три мечеви во квалификациите за Светското првенство во 2022.

Победата не носи на второто место во групата, откако во Исланд и Ерменија одиграа 1:1 реми во Рејкјавик, додека Романија не успеа да го заддржи раното водство и во Хамбург загуби со 2:1 од германскиот „маншафт“.

Доминацијата во нашата игра во првото полувреме, конечно, заврши со гол во мрежата на Лихтенштајн во 39. минута кога Дарко Велковски најдобро се снајде по корнерот на Езѓан Алиоски, откако претходно ни беше поништен еден гол, а Дарко Чурлинов ја погоди пречката.

Во второто полувреме, во 66. минута, по соборувањето на Аријан Адеми во шестнаесетникот, Алиоски беше прецизен од белата точка за 0:2, а Бобан Николов, само што го замени Алиоски во 74. минута зголеми на 0:3, пред Дарко Чурлинов во 84. минута да ги постави конечните 0:4.

Фото: ФФМ

Претходна вестОсумнаесетгодишник ранил скопјанец и го претепал неговиот син
Следна вестСпасовски ги разочара жителите на Бардовци: Не престанува градењето на центарот за странци