Училиштата го заборавија воспитувањето адаптирајќи се на раскалашени родители

„Младината ни се измени, стана полоша отколку што бевме ние“, знаат често да кажат средовечните и постарите скопјани. Во што е полоша? Кој е за тоа виновен?
Еве една вистинска случка од едно скопско училиште. Ученикот го прекинува наставникот кој се обидува да му укаже дека се однесува невоспитано и непримерно, со зборовите: „Ако сакам јас тебе да те нема на работа, ќе те нема. Знаеш ли ти кој ми е татко?“ По оваа непријатна и недозволива ситуација последици по ученикот немало. Но, за жал ваквиот пример стана честа појава. Не се само закани, туку и нарушување на дисциплината, влегувања – излегувања од час кога се посака, непридржување до морални норми, насилство… а тоа се случува токму во училиштата во кои децата освен што се образуваат треба и да се воспитуваат. Треба ли да дадеме дополнителни примери како се однесуваат голем дел од младите надвор од школите? Се кршат клупи и разни други јавни добра, се манифестира агресивност и подготвеност за физички пресметки, се нема почит кон постарите…
Од друга страна младината нема и работни навики, мрзелива е, без иницијатива, склона на пороци… Сето тоа е доволно за да си го поставиме прашањето: каде потфрли воспитувањето на младите генерации?
– Не само што во училиштата не ги воспитуваат децата туку мислам дека состојбата во основните и средните школи, е застрашувачка. Наставниците и професорите, чест на исклучоците, се непосветени на наставата, на пренесувањето на знаења и воспитување, како да се исфрустирани, незаинтересирани, смета скопјанката Маја Стојановска – Јовчевска.
Но, мора да се нагласи дека работата со триесетина деца во училница е недоволна за да се надомести отсуството на воспитание во кругот на семејството. Родителите се тие кои први ја испуштиле ситуацијата од раце. И излегува дека она што е испуштено во семејствата само се продлабочува во училиштата.
Во едно основно училиште во Кисела Вода на родителска средба било соопштено дека само во првото полугодие 27 ученици имале дури 800 оправдани и неоправдани изостаноци, или по 30 на секој еден ученик. Наставниците се жалеле дека викањето, непочитувањето на наставници, дрското однесување…, станало секојдневие.
Ваква е ситуацијата и во други основни и средни училишта во Скопје. Дисциплинските мерки (ако воопшто се покренуваат) не даваат резултати, родителите на проблематични деца не доаѓаат на поканите за разговори, па наставниците имаат се помал и послаб авторитет, а се чини и се помала желба да воспитуваат.
– Како да имаме авторитет кога се случувало директор на едно училиште да доаѓа од општина со список на ученици кои им го дава на наставниците и им вели дека тие на крајот на годината треба да бидат одлични, ако сакаат да им се продолжат договорите за работа. И така и било, тие што не заслужуваат на крајот биле одлични. Тоа е крајно лоша порака за сите ученици. Како од нив потоа да се бара да бидат примерни и да си ја заслужат оценката, ни вели професорот Божо Бубало.
Притисоците врз наставниците се силни и од политичарите, но и од влијателни родители кои мислат дека воспитување на децата е ако им угодуваат до крајност.
– На почетокот на второто полугодие ми се јавија од едно добростоечко семејство и ми рекоа дека ќе останат на зимување во Бугарија уште една недела и дека нивното дете нема да доаѓа на настава. Ми потенцираа дека часовите на ученикот мора да му бидат оправдани. Другите ученици дознаа за тоа и сите беа револтирани, ни рече една скопска наставничка.
Зошто таа наставничка попуштила на притисокот не сакаше да ни одговори.
Родителите забележуваат дека вниманието на наставниците најчесто е насочено кон децата чии родители се „фактори“ во некоја сфера.
– Се форсираат често ученици чии родители се моќни. Повеќе од сигурно е дека наставниците се зависни од политичарите и од другите моќници. Поради тоа попуштаат кога треба да делуваат воспитно. Без да се врати авторитетот на наставниците ништо нема да се смени, потенцира Маја Стојановска-Јовчевска.
Но дали наставниците воопшто се борат да си го вратат, добијат авторитетот? Колку даваат отпор на надворешни влијанија?
– Мора да се прекинат надворешните влијанија во школите. Не може во еден клас просек на оценките да биде 4,95, а на екстерно 4,99… Добрите вредносни норми од претходното општество се урнати, а нема нови. Антихероите сега станаа херои. Професорите, едноставно, попуштаат под притисоците од надвор, потенцира професорот Бубало.
Сето ова го знаат сите. Но колкумина сакаат ваквата девијација да се смени? Досега сите министри за образование најавуваа вистинска реформа, ама…

„Елитните“ училишта најпроблематични
Професорот Бубало вели дека од искуството што го има најголеми проблеми со невоспитани ученици постојат во т.н. „елитни“ училишта.
– Големите проблеми се токму во таквите училишта кои ги следи таква етикета. Како да постои елита која е недопирлива и ученици кои можат се да направат и да поминат без последици. Интересно, многу помали проблеми постојат во периферните училишта и во оние во кои учат децата од работнички семејства, смета тој.

Непочитувањето стана секојдневие
И Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум смета дека постои сериозен проблем со воспитанието на учениците.
– Се почесто сме сведоци на настани во кои е евидентно непочитувањето како помеѓу учениците, така и кон професорите. Два значајни фактори директно се ефектираат на квалитетот на атмосферата во училиштата. Пред се’ родителите на учениците и позадината од која тие доаѓаат, а секако и вредностите кои ги пренесуваат образовните програми, нагласува Спировска.

И на родителите и на наставниците вака им е полесно?
– Родителите немаат време или не сакаат да се занимаваат и нервираат со воспитување на сопствените деца. Тоа како обврска им го оставаат на училиштата. Наставниците пак немаат сили или се под притисок да попуштаат, па и тие се тргаат од процесот на воспитување и ете ти цели генерации кои немаат основно воспитание и норми на однесување, ни коментираше Никола Наумовски, додавајќи дека можеби вака им е полесно на двете страни, а потешкото е оставено да го трпи целото општество.