Училиштата се отворија за уписи на првачиња, но некаде и со страв

Училиштата ги отворија вратите за првачињата денеска. Уписите ќе траат цел месец. Сепак, иако има однапред предвиден протокол, дел од училиштата не се сложуваат со физичко присуство на децата со еден родител како што е правилото. Стравуваат дека сепак ширењето на заразата е возможно.

Најмногу поплаки до нашата редакција стигнуваат и од родители чии деца треба да одат во училиштата во Чаир и Шуто Оризари, но на барањето тоа јавно да се каже и аргументира, никој не се сложи. Барањето е новинарите самите да го отворат прашањето. Сепак пораката што се праќа со молчење и очекување некој друг да го потегне прашањето додека оние кои се најзасегнати молчат, е лош пример за најмладите, за оние кои учат од возрасните дека треба да премолчуваат и да не креваат глас кога не се сложуваат со нешто.

Како и да е, уписите од денеска течат според тоа што е утврдено. Владата во петокот на седница усвои протокол за пауза од најмалку 20 минути помеѓу термините за разговор на членовите на комисијата со секое дете. Во паузите се забранува групирање на присутните во училиштето. Во просторијата за разговор може да присуствуваат само членовите на Комисијата за запишување, детето и еден од неговите родители/старатели. Најмалку два метра оддалеченост треба да има меѓу присутните во просторијата, возрасните лица да носат заштитни маски и ракавици, а по секој разговор просторијата треба да се дезинфицира. На влезот од училиштата задолжително треба да има средство за дезинфекција на обувките и рацете, како и поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки.

Претходна вестПукале кон стражарницата во касарната во Прилеп, полицијата набрзо ги фатила
Следна вестМлади македонски режисери пријавете се на 11 по ред Balkans Beyond Borders