УКИМ: Обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата

Македонската државност е заснована врз антифашистички начела, a обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државатам се наведува во денешната реакција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Најголемиот универзитет во земјава реагира на актуелните случувања по ставањето на вето од страна на Бугарија на евроинтегративниот пат на Македонија.

Соопштението го пренесуваме во целост.

 1. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги поддржува стратешките напори на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ.

 2. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

 3. Универзитетот ги повикува Владата на Република Северна Македонија и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, според кои:

 а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен, и временски континуитет; македонскиот јазик е посебен јазик од групата на јужнословенските јазици, кој се изучува на универзитетски центри во целиот свет;

 б) македонскиот идентитет е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ;

 в) процесот на формирање на македонскиот народ и македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации; формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт;

 г) создавањето на македонската држава е заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници; ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела.

4. Оттука, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата, стои во соопштението.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ со протестни блокади пред Владата и МНР: Оставка на Заев – Слобода на народот!
Следна вест27 години добиваме ветувања за пруга кон Бугарија, денеска таа традицијата продолжи