Уличните насилства не престануваат

Јавноста е вознемирена од прерано згаснатиот живот на малолетниот кошаркар, што беше прободен со нож вчера рано утрото и им подлегна на повредите, но во меѓувреме насилството на улиците не престанува. Без разлика на причините, во полициските билтени само се впишуваат нови случаи на улично насилство од било каков тип: меѓу жени, девојчиња, машки, малолетници…
Не минаа ни 24 часа од убиството на Никола Христовски, а веќе има нова пријава за напад на среде булеварот „Партизански одреди“. Имено, изутрината во 05.00 часот во СВР Скопје А.А.Ц.(37) пријавил дека околу 03,40 часот, бил физички нападнат од неколку лица.
– Се работи на расчистување на случајот, велат од МВР.
Но освен расчистувањето на случаите неопходна е превенција. Скопјани бараат полициски патроли да движат низ градот. Така велат ќе се чувствуваат безбедни. Како и да е, нешто мора итно да се преземе, црвеното светло е одамна запалено.