Улицата на кејот на Вардар ќе ја вратам на пешаците

Пензионерка Силвана Костиќ, oдговара на прашањето кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на општина Центар…

1.Кеј за пешаци, а не за возила

Посебно постарите граѓани добро се сеќаваат колку беше убав кејот на Вардар зад ГТЦ кога беше пешачка зона. Ова што сега е направено, што е дозволено по него да се движат и колите и пешаците е многу лошо решение. Прашина, кал, изместени плочки…сето тоа е неспоиво со она што кејовите им го даваат на градовите. Заради тоа, би го вратила кејот на граѓаните: улицата би ја завторила и тоа би било само пешачка зона. Може да се најде решение за пристапот до деловните објекти. Но, на ваков начин е веќе неодржливо.

 2.Паркови на секој слободен простор

На централното градско подрачје многу му фали зеленилото. Мора да се искористи секој слободен дел од просторот за да се озелени, и да се направи парк. Јас би пополнила и секоја празна дупка на тротоарите наменети за дрвјата. Не ми е јасно зошто се уште стојат празни. Ги има и на улица „Македонија“ и тие треба да се пополнат. Десетици и десетици стебла може да се насадат. Тоа не е малку.

 3. Средување на тротоарите

Центарот на градот би го исчистила од секаков смет и кучиња кои се повеќе се опасност по граѓаните а и даваат грда слика за градот пред туристите. Би ги средила и сите тротоари во центарот каде што има остатоци од метални столпчиња и каде можеш да се сопнеш ако не ги видиш.  Нов изглед би им дала и на чешмите за вода а би поставила и повеќе корпи за отпадоци.