Првиот од четирите блока на новиот Клинички центар да биде завршен во наредните четири години и во него ќе се преселат хируршките клиники. Ова е ново-старо ветување кое вчера го искажа министерот за здравство Венко Филипче кој во едно телевизиско интервју пак ја најави градбата на новиот Клинички центар.
-Постапката практично започна. Ние ја прекинавме поради изборниот процес, коронакризата и сега треба да продолжи. Предлогот и концептот се Клиничкиот центар да биде во четири блока. Верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и да почнат со работа. Како ќе бидат завршени следните блокови ќе се празнат и клиниките според стратегијата, потенцира министерот Филипче.
Кога и како ќе започна градбата, министерот не кажа. Во програмата на новата Влада е наведено дека во следните четири години ќе започне градна на нов, универзален и функционален Универзитетски клинички центар. Такво нешто се ветуваше и во изминативе години од сите партии и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ пред секои избори уште од 2011 година. Во 2017 кога СДСМ дојде на власт се избра опцијата за градба на сосема нов клинички центар но цеднаш следеа бројни варијанти за негова локација на кои се загубија многу време. На крајот се избра локацијата во Ѓорче Петров по што лани се стаса и до распишувањето на меѓународен тендер за изградба која би траела 90 месеци и би чинела околу 500 милиони евра добиени преку заем. Градбата требаше да почне на почетокот на оваа година но кризата со корона вирусот сето тоа го одложи.
Сега, пак се најавува почеток на градба, но парите за тоа се уште не се обезбедени. Министерот Филипче рече дека сè уште се работи на финансискиот модел и проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра.
Значи се е според планот, се е ветено и се чека… Сега Универзална сала сигурно е многу љубоморна, новиот клинички центар добива повеќе ветувања.