Универзална сала прозборе: ќе ме реновирате ли или ќе служам како пано?

Некој деновиве се сети на Универзална сала. Не, не за да почнат да ја реновираат…, за тоа ќе си почекаме, туку се сетија и на оваа култна зграда направија видеопроекција.

Едноставно, на влезот на Универзалната сала со кратка видеопроекција се искажа благодарност кон сите оние што се борат со корона вирусот. Убаво, што тоа се направи, ама настанот на свој начин потсети на состојбата во која што е овој значаен објект за Скопје и Македонија.

Влезот, односно, целиот објект со години е заклучен откако почнаа да паѓаат делови од плафонот и стана небезбеден за граѓаните. А со години траат и ветувањата дека салата во која се изведуваа најразлични културни и забавни манифестации ќе се поправи. Уверувањата, ветувањата и разните планови ги даваа како претставниците на поранешната државна и градска власт, така и актуелните. Со ветувањата се менуваа и опциите за тоа како ќе изгледа салата – те ќе се реконструира со досегашен изглед, те ќе добие сосема нов…

Последно ветување е од минатиот месец кога градоначалникот Петре Шилегов рече дека проектот за Универзална сала годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември минатата година беше најавено дека изградбата на нова Универзална сала ќе започне веднаш во јануари годинава. Се најави и дека ќе биде распишан конкурс за идеен проект бидејќи два проекта кои веќе постојат не се добри. Но, информации за тоа каков ќе биде новиот лик се уште нема. Претходно, во мај 2018 имаше најави дека во 2019 година ќе биде реконструирана салата…

Значи, ветувања до ветувања… Ама ете до сега салата послужи само како пано и декор за проекции наместо повторно да стане дом за потсетување на старите и создавање на нови скопски спомени.

Дали се чека некој анонимен донатор, дали салата сега е ставена по страна, дали планот се црта, дали…, засега нема конкретен одговор има само ветувања.

Може пак се чека Универзална да прозбори и сама да каже што сака?