Упорно вежбам и се натпреварувам низ Европа за да бидам концертен пијанист

За него нема дилеми што ќе биде. Изборот, сонот, желбата е само една: да се биде концертен пијанист. А со се она што го прави Арда Мустафаоглу, со учењето во Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, со одличните оценки кои што ги добива, со неуморното вежбање, настапите, освоени награди… дава доволно гаранции дека во тоа и ќе успее. Арда е сега ученик во третата година, но напоредно со неа истовремено ја завршува и четвртата година од средното образование. Феноменот да биде уште поголем, во минатата 2017/18 учебна година ги заврши заедно првата и втората учебна година со просекот „5“. Тоа доволно кажува за каков музички талент се работи и каква перспектива може да го очекува.
– Откако знам за себе сум со пијаното. Околноста дека мојата мајка е професор по пијано го направи неизбежен контактот со овој инструмент. И така, веќе на четиригодишна возраст, почна мојата приказна со пијаното, со музиката. Имав можност да запознам и други инструменти, но сепак, пијаното, кое беше дел од моето секојдневие, стана мојот избор, ни кажува младиот Арда.
Основното образование го завршил во училиштето „Мирче Ацев“ каде покажувал афинитет и кон природните науки. Паралелно со ова тој го завршувал и основното музичко образование каде професор му била неговата мајка која е редовен наставник во музичкото училиште. Но, истовремено, соработувал и со еминентни професори од земјава и од странство.
-На шестгoдишна возраст за првпат настапив на државен натпревар, а потоа следеа и настапи на меѓународните натпревари. Мене посебно ми се драги успесите кои што сум ги постигнал во Германија, Италија, Белгија и Бугарија, ни објаснува овој музички талент.
Во јули лани освоил прва награда на меѓународен натпревар за млади пијанисти во Хамбург, Германија, во април прва награда на меѓународен онлајн музички натпревар „e-muse“, во мај 2017 година Гран-при награда за млади таленти во Истанбул, како и прва награда на меѓународен натпревар за млади музичари „Антонио Салиери“ во Верона, Италија и многу други.
– Вежбањето на пијаното е мое секојдневие, а должината зависи од училишните обврски. Во периодот пред настапите целосно сум посветен на подготовките. Тоа не ми паѓа тешко. Им препорачувам на сите млади да почнат да вежбаат клавир или да свират некој друг инструмент. Слушањето музика буди емоции и не прави среќни и не зближува. Свирењето пак облагородува, не исполнува и дава самодоверба, потенцира Арда.
Покрај класичната музика, која е неговото секојдневие, тој слуша и џез и поп музика, најчесто во друштво со своите другари. Сепак, музичкиот идеал за него преставува настап како солист со оркестар и камерен состав, но секако и солистички рецитал како највисока форма на интерпретација. Такви настапи во иднина сигурно дека ќе стануваат се побројни и со што ќе се покаже дека Македонија има неколку големи таленти кои се бават со класична музика.

Подготвува перформанс со сликарот Масин
Годинава на Арда му престојат настапи во Франција, Италија, Бугарија и Германија. Во Македонија ќе се реализира проектот на Министерство за култура – Рецитал во Камерната сала на Македонска Филхармонија и проектот на Град Скопје насловен “МАРДАМ” кој е мултиуметнички перформанс на сликарот Мирослав Масин и Арда Мустафаоглу.
-Проектот „МАРДАМ“ ќе се одвива на отворено – на „Школка“ во градскиот парк каде за време на пијано концертот, сликарот Мирослав Масин ќе има свој перформанс, објаснува Арда.