Упорноста и магијата на звукот на кошаркарската топка ме донесе во шпански клуб

Звукот на кошаркарската и на другите топки е најмногу „виновен“ за се. На неа делувало речиси магично. Како мало девојче, додека другарките си играле со кукли, таа дома со топки шутирала во празни кутии. Потоа, кога имала 5-6 години почнала цело време да го поминува на кошот во близина на зградата во која што живеела во Кисела Вода. На шест години решила да почне да тренира кошарка во тогашниот КК „Плејмејкер“. Но, оттаму заминала веќе по првиот тренинг. Причина било што машките и се смееле кога ќе даде кош, онака најниска и најситна меѓу нив. Меѓутоа, на сега веќе 16-годишната Стефани Костова желбата за кошарката тогаш не и запрела. По две години пак почнала во истиот клуб со тренерот Андреј Бојчев кој дефинитивно ја навлекол на овој спорт и најмногу верувал во неа. Почнала да игра и побрзо и подобро од машките, а тренерот ја посоветувал да премине во КК „Јуниор“ каде имале и женска екипа, каде и останала три години. Следел трансфер во „Бадел“ каде на виделина излегол целиот нејзин напредок и талент. Лани во јадранската У-17 лига, со само 15 години и височина од 160 сантиметри беше избрана за најдобар асистент на целата лига.

А тогаш и се случил преломниот момент во најзината кариера: со клубот биле на турнир во српскиот град Пожега каде тренерот од една противничка екипа и пришол и рекол дека со таков талент не смее да остане на нашите простори. Истиот тој тренер и помогнал да го направи досега најзначајниот чекор во нејзино играње кошарка – да прејде во редовите на шпанскиот клуб „Депортиво Промете“ од градот Логроњо. Овој клуб од следна година ќе се натпреварува во првата Шпанска лига, а Стефани сега игра во генерација на јуниорки до 18 години и редовно настапува на натпревари во лигата во која се натпреваруваат.

-Ова е како исполнување на сонот на дете кое откако знае за себе си ја сака кошарката. Неколку пати во месецот ме викаат да тренирам и со првиот тим, а што е за мене големо и задоволство и предизвик да научам ново и да станам уште подобра. Давам се од себе, а и во карактерот ми е никогаш да не се предавам туку да се носам со противникот најдобро што можам, ни вели Стефани.

Таа веќе осум месеци престојува и тренира кошарка во овој шпански клуб и градот Логроњо на северот од оваа земја во близина на Франција. Сместена е во куќа со уште седум други девојчиња, каде имаат се што им е потребно. Клубот го обезбедил и нејзино школување: таа сега учи во прва година од Бачилерато, односно, прва од две предуниверзитетски години согласно на тамошниот образовен систем.

– Моја лична желба е да заиграм во најдобрата светска лига WNBA иако тоа изгледа незозможно, ха, ха, ха.. Но она што знам дека може да се оствари со многу работа и посветеност е да играм во Евролига во некој добар женски тим. Сепак, да оставиме времето да го направи своето. Јас сега треба да се насочам кон тоа да напредувам што повеќе, да играм и уживам во тоа што го сакам и што ме прави среќна и безгрижна, ни потенцира Стефани.

Заедно е со уште три девојчиња од Македонија
Стефани ни кажува дека во куќата во која што живее има уште три девојчиња од Македонија.

– Една е колку мене додека останти две се за една година помали од мене. Благодарение на тоа што сме заедно и знаеме дека не сме сами во една нова околина, оваа година ни помина подобро од што очекувавме. Си даваме меѓусебна поддршка и помош за било која работа, објаснува таа.