Уште една еко-катастрофа, се излеа солна киселина кај МЗТ, до кога ќе го чекаме извештајот?

Уште еден, според надлежните во инспекторатот на Град Скопје, еко-инцидент. Овојпат во фабрика во кругот на МЗТ, каде истекла солна киселина. Имено, инцидентот го објави инспекторатот на својата Фејсбук страна, објаснувајќи дека на барање на советник во Општина Гази Баба, кој пријавил дека мириса во околината, излегле на терен и брзо го откриле сторителот.

-Се работи за правен субјект што работи со прекурзори, на лице место е констатирано дека се работи за истекување на солна киселина од цистерна, веднаш се превземени итни мерки за спречување на понатамошно истекување, се нагласува во објавата.

Во истата објава инспекторатот на Град Скопје додава дека правниот субјект не поседува елаборат за заштита на животната средина, како и дека бил направен записник за натамошно постапување.

Работата на инспекторатот е да делува вака експедитивно на терен. Но дали и оваа еко-катастрофа, откако ќе се најави извештај за тоа што точно се случило, истиот ќе заврши кој знае каде, додека граѓаните бараат одговорност? Точно тоа се случува по еко-катастрофата во ОХИС. Поминаа недели и недели, а извештајот за тоа како се излеа високотоксичниот метил акрилат беше најавен по 7 дена. Ама никогаш јавноста не го виде. Зошто? Кому му одговара да се молчи? Зошто ги нема надлежните да инсистираат да се објави извештајот? Многу прашања што чекаат одговори?

До кога?