Уште ќе го доусовршувам готвењето, ќе одам во Франција на факултет

Прво била во дилема дали да се запише во гимназија како и многуте нејзини соченици. Но, сепак решила да си го послуша срцето и она што длабоко во себе го чувствувала дека треба да и биде идна професија. Се пријавила во скопското средно училиште „Лазар Танев“ кое едуцира кадри од угостителски струки. Желбата и била една – да стане готвачка. А за таа цел не и било тешко ниту секојдневно да патува до Скопје од Куманово каде што живее. Се покажало дека изборот на 18-годишната Сара Трајковска бил оправдан. На крајот таа е прогласена за ученик на генерацијата 2016/19 бидејќи се истакнала не само во готвењето туку и во други области. Наградата ја доби пред десетина дена.

-Одлуката да станам готвачка ја донесов самата. Не беше ничија сугестија или притисок. Родителите ме поддржаа во тоа. Уште од мала ја имам голема желба за готвење, а за тоа, имав голема инспирација од големите светски шефови на кујните кои имав прилика да ги следам во тој период на телевизија. Секојдневно патував на настава и не ми беше тешко. Инаку, во готвењето најмногу ми се допаѓа љубовта и страста на големите шефови, смиреноста и перфектноста со која тие работат. Внатрешните  чувства и емоции кои тие ги изразуваат на парче чинија која плени, ни објаснува Сара.

Интересно е тоа дека таа уште во првата година добила градска награда „13 ноември“ за ликовна творба. Потоа следеле награди на разни натпревари по готвењето во втора и трета година. Во трета година имала и настап во една телевизиска емисија со музичка точка. Едноставно, Сара има талент на многу полиња.

-Сепак, готвењето е над се. Најмногу од се сакам да ги спремам главните јадења, но во последно време ме привлекуваат и десертите. Многу ми се допаѓа и одлично знам да ја спремам нашата традиционална македонска кујна. Но, страст ми се странските кујни. Навистина уживам во пробувањето на непознати вкусови. Моментално, најмногу ме влече француската кујна, уживам во неа. Љубовта дојде од кога посетив неколку часови за готвење на француска кујна, готвев и стекнав пријателства со многу добри француски готвачи, ни објаснува таа.

Ова талентирана готвачка вели дека до сега никогаш не зажалила што ја одбрала оваа струка на која сега се запишуваат мал број на ученици иако нуди многу можности.

-Не жалам заради тоа, го одбрав оваа училиште, одбрав струка со која можам веднаш да најдам работа со висока плата и воедно да го правам она што најмногу го сакам и да ја изразувам мојата инспирација преку готвењето.Уживав во секој момент поминат во ова училиште, сега ќе уживам и во готвењето, ветува Сара.

Посакува ресторан во кој ќе дава и бесплатни оброци за сиромашни

Сара сега сака и да ја запише и четвртата година која може да се полага само вонредно.

-Во меѓувреме ќе работам привремено со цел да го проширувам моето знаење. После тоа планирам да да заминам на студии во Франција и дополнително да се усовршам. А подоцна, да се вратам и да отворам свој сопствен хотел, ресторан во кој многу сакам и да давам бесплатни оброци за луѓето кои што не можат да си го дозволат тоа, наведува наша соговорничка.