Уште колку години ќе се чека на достојно обележје за загинатите бранители кај Карпалак?

Во прилепската касарна „Мирче Ацев“ вечер од 18 часот почнува одбележувањето на 21-годишнината од загинувањето на 10 припадници на АРМ. На 8 август кај месноста Карпалак 2001 година армискиот конвој беше нападнат од заседа и загинаа 10 прилепски резервисти. Пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев“ семејствата на загинатите, претставници на Гарнизонот, од локалната самоуправа и граѓани ќе положат свежи цвеќиња и ќе биде посетена спомен собата во касарната. Од 19 часот ќе биде посетен и спомникот на загинатите во селото Лениште кај Прилеп, а вечерна богослужба ќе се одржи во манастирот „Света Петка“ во селото.

Утре изутрина, на 8 август, делегации ќе се упатат на месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово, ќе бидат посетени вечните почивалишта на загинатите бранители на прилепските градски гробишта и во населените места. Во 10 часот ќе се одржи панихида во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила. Централното одбележување е во 13 часот  пред споменикот „Карпалак“ во центарот на градот.

Но, и ова година чествувањето на десет загинати бранители ќе помине без достојно обележје на автопатот Скопје – Тетово. И покрај бројните барања на македонските бранители во изминативе години таму се уште единствено обележје е мала лимена плоча со испишаните имиња на загинатите. На ланското чествување Ацо Јовановски, кој тој ден го возеше автобусот со бранителите, рече дека е револтирани поради негрижата кон бранителите.

-Никој не најде за сходно барем банкината каде е спомен-плочата да ја обои, а ваму зборуваме за 10 загубени животи. Неодамна Артан Груби излезе и јавно кажа дека за борците на УЧК средени се пензиите и вработувањата. А, јас прашувам што направија за бранителите? 20 години бараме овде да се подигне достоинствен споменик, а не цвеќето да го положуваме на банкина од патот, но споменик сѐ уште нема, изјави тогаш тој.

Дали новата годишнина нешто ќе смени во односот за да се направи достојно обележје останува да се види. Неодамна во Слупчане беше отворен голем споменик, спомен-кула на ОНА за кој се потрошени околу 200.000 евра.

Претходна вестСДСМ: Растот на извозот и платите покажува дека македонската економија е стабилна
Следна вестСкопски дилери продавале хероин во Кочани