Деновиве јавноста ја тресе трагедијата дека мајка со своето малолетно дете се фрли од балкон. Двата млади животи за вршија на плочникот.
На социјалните мрежи братот на загинатата жена објави писмо во кое јавно потврди дека неговата сестра со години трпела семејно малтретирање. И нејзини пријатели напишаа дека знаеле низ што минува, дека се обидувале да и помогнат, но за жал не успеале да ја заштитат од насилникот. И полицијата вчера реагираше, го уапси насилникот, кој веќе е во притвор.
Уште една трагедија, уште едно семејство уништено, уште едно прашање што одѕвонува – кој потфрли?
Се погласно слушаме за жени тепани, понижувани и заплашувани, а институционалната реакција како да станува сè потивка.
Кога мајка ќе посегне по најстрашниот чекор – да си го одземе животот заедно со детето – тоа не е само лична драма, туку голем системски пораз.
Каде биле МВР и Центарот за социјални работи кога насилството траело и ако постоеле претходни сознанија?
Да не заборавиме на случајот од Велес пред неколку месеци, кога млада жена пријавувала закани и малтретирање, но не беше заштитена, па насилникот ја уби и неа и нејзиниот татко.
Колку вакви предупредувања треба да се игнорираат за некој конечно да понесе одговорност?
Семејното насилство не запира со кампањи и апели „пријавете”. Запира со итни мерки, со вистинска заштита и со институции што реагираат пред, а не по трагедијата.


