Home АКТУЕЛНО Уште колку заболени од Ковид-19 треба да починат за пропустите да бидат отстранети?

Уште колку заболени од Ковид-19 треба да починат за пропустите да бидат отстранети?

0
Уште колку заболени од Ковид-19 треба да починат за пропустите да бидат отстранети?
Се чека на Филипче и Комисијата

Сите не потресе големата трагедија во Тетово. А потресни се и секојдневните високи бројки на починати од вирусот. Трагичниот биланс на пандемијата на корона вирусот во Македонија никако да запре. Напротив, четвртиот бран за само неколку недели смртно покоси повеќе од 500 граѓани, а дневната црна статистика бележи во просек по триесетина починати лица. И бројките на тешко болни се се поголеми, заразени веќе има околу 15.000. Што преземаат надлежните за да се намалат овие страшни бројки? Менуваат ли нешто во лекувањето, во организацијата… или само повторуваат – вакцинирајте се?

Најново е дека здравствените власти се надеваат дека пикот го поминал својот врв и дека ќе се намалуваат бројките на умрени и на новозаразени. И до сега имаше такви надежи па за кусо време вирусот пак ескалираше. Но, и по година и пол од појавата на вирусот останува истото прашање: зошто во земјава имаме толку висок број на починати лица од корона вирусот?

Македонските здравствени власти до сега даваа различни објаснувања: пациентите имале други хронични заболувања, ослабнат имунитет, доцна се јавувале на лекари, вирусот бил непредвидлив… а сега и дека не биле вакцинирани… Меѓутоа, прашањето кое логично се наметнува е дали само во Македонија имало толку болни со хронични заболувања и толку лица кои доцна се јавувале на лекар? И впрочем – анализираат ли во министерството за здравство зошто некои луѓе доцна се јавуваат-одат во болница и што прават тоа да се смени?

-Има премногу починати, во ниету еден бран немало толку. Очигледно, превентивните мерки не се добри, докторите не знаат што да дадат во одредена фаза на болеста, мислам дека не знаат и дека немаат протоколи за лекување, смета граѓанката Кети Ивановска-Шурбевска.

По овие прашања на виделина почнаа да излегуваат и други сознанија за тоа како се води битката со корона вирусот. Се грешело со превентивните мерки, дека често чкрипат релациите матични лекари – заболени, се виде дека на заразените непотребно им се препишуваат силни дози на антибиотици кои им го ослабнуваат организмот, дека не постојат соодветни Протоколи за лекување на заболените. Министерот за здравство Венко Филипче ваквите работи ги демантира тврдејќи дека протоколи има, а дека хроничните заболувања се главни причини за високата смртност. Но, деновиве и поранешниот директор на скопскиот Здравствен дом Злате Мехмедовиќ изјави дека е потребен унифициран медицински пристап.

-Треба да се има точно одреден протокол како да се лекуваат пациентите, да биде објавен во Службен весник и редовно апдејтиран за да се знае кога треба да дадете одредена терапија, рече тој.

Познатиот доктор-инфектолог Вело Марковски неколку пати опоменуваше дека нема или пак постојат погрешни протоколи на лекување, а и дека затвореноста на надлежните да не примаат помош од други експерти е голем проблем. За граѓаните проблем е и очигледната некоординираност.

-Високата смртност се должи како на големиот број на хронично болни, но некаде и на несоодветна постапка на докторите при лекувањето на пациентите. Дефинитивно треба консултација со други земји околу протоколите. Тие треба да се кристално јасни и исти насекаде, смета граѓанката Тина Балова.

Надлежните до сега не информираа дали и со кои земји имале соработка на планот на размена на искуства во поглед на лекувањето на заболените.

-Постапките на докторите не се соодветни. Даваат премногу антибиотици и слично. Треба да се побара помош од странство во лекувањето за да им кажат по какви протоколи да лекуваат, смета граѓанинот Лутфи Демири.

Зошто нема промени во Комисијата за заразни заболувања?

Посебно прашање е и зошто до сега немало кадровски промени или надополнувањата во Комисијата за заразни заболувања. Од почетокот на пандемијата таа работи во речиси идентичен состав, а факт е дека одредени мерки кои ги предлагала не биле соодветни на состојбата. Токму летниот период во кој превентивните мерки беа премногу попуштени поради што четвртиот бран на делта – вирусот зема голем замав, е пример за тоа. Но, и покрај тоа, надлежните не се решаваат за промени кои ќе донесат подобра стратегија во борбата со вирусот.