Новите локалните избори се пред нас, а партиските членови веќе се растрчаа да фаќаат врски кај шефовите за да ги кандидираат на изборите за советници по општините. Зошто е тоа така, зошто им е привлечно тоа место?
Па, заради малкуте обврски, а високиот паушал, кој во зависност од општина до општина се движи од 14.000 до 24.000 денари и тоа дури и ако се одржи само една седница на Советот.
– Паушалите што им се даваат не се за занемарување, но пред се треба да се намали бројот на општинските советници. Така ќе се намалат непотребните трошоци, а и самите совети ќе бидат пофункционални. Што ќе му е на Скопје совет со 45 лица, доволно е да се и 25, смета скопјанецот Петар.
Во Советот на Скопје и во советите на останати десет општини има вкупно 267 членови, избрани на локални избори. На нивните сметки, на пример, во минатата година се исплатени приближно 1 милион евра само на име месечни паушали. А каде се другите трошоци и бенефиции, за одржана седница на комисија, за некоја посета или патување, па мобилни телефони, па лап топ компјутери…
Највисоки паушали добиваат советниците во градскиот совет, па во општина Чаир, па оние во Аеродром, Гази Баба, Карпош… Надоместокот се пресметува по шема со која, зависно од бројот на советниците кои ги имаат, тој може да биде од 40 до 70 отсто од просечната плата исплатена во државата во минатата година. Услов да го добијат е месечно да одржат барем една седница.
Инаку, сегашна бројност во Советите е определена со закон кој предвидува општините до 5.000 жители да имаат 9 члена, оние до 40.000 да имаат 19… оние до 100.000 – 31, над сто илјади жители – 33, а Градот Скопје – 45 советника.
Граѓаните генерално не се задоволни од работата на советниците бидејќи комуникацијата со повеќето од нив завршува со завршувањето на изборите.
Од тука и прашањето зошто за овие избори не се изреагира навреме за да се намали бројот на советниците, па и нивните паушали.
Со 4 милиона евра колку што скопјани ги плаќаат советниците за време на еден мандат, можеа на пример да се набават десетина противпожарни возила, или амбулантни, може да се реконструираат градински училишта, игралишта…
Овие избори се пропуштени, барем за следните да се мисли на ова. И не само намалување на советниците во скопските општини, туку и низ цела Македонија. А време е и да се реализира ветувањето за намалување на бројот на пратеници, на шленови на разни Надзорни и Управни одбори… разни комисии.