Уште оптегнат најлон конец на велосипедски патеки фалеше

На опасностите кои ги демнеат велосипедистите по градот сега е додадена уште една – поставување на најлон конец на патеките со што може да се предизвика голема несреќа. Вакво искуство минатиот вторник навечер го доживеал Зоран Таневски, жител на скопската населба Автокоманда по професија туристички водич.

Тој возејќи велосипед кон својот дом по велосипедската патека која води кон Хиподром, Таневски во еден момент почуствувал дека налетал на оптегнат најлон конец.

-Ме закачи преку окото оти беше поставен на таа висина. Почуствував болка и за среќа успеав да закочам метар – два подалеку, но сепак паднав. Кога станав видов дека се работи за најлон конец кој беше тука поставен. Јас бев прв што налетал на него со велосипед, изјави Таневски за „Скопско ехо“.

Тој додава дека не знае дали конецот бил намерно поставен или е оставен по некоја интервенција што се правела тука.

-Но, како и да е опасно е. Да ме фатеше подолу, по грлото, можеше да заврши трагично. Ова го направил или некој умоболен човек или е оставено заради нечија негрижа. Како и да е, опасно е и треба да се открие кој ова го сторил, рече Таневски.

Градските инспекциски и полициски органи најавиле дека ќе го истражат случајот за да се открие сторителот. Да се надеваме дека ќе биде така, но и дека ќе бидат повеќе на терен да надгледуваат што се случува.

До тогаш велосипедистите, не само на оваа делница, ќе треба да отвораат „четири“ очи. 

Претходна вестБез да сакаме одиме кон колективен имунитет, а не како стратешка цел
Следна вестДоста ми е од корони на телевизорот, држам дистанца