Условите за добивање скопско жителство мора да се заострат

Фудбалската легенда на скопски фудбалски клуб „Вардар“ 73-годишниот Методија Спасовски смета дека во развојот на метрополата се направени големи грешки кои сега мора да се поправаат.

o Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Тоа се сликите и сеќавањата на Чаир, на тогашното игралиште каде што сум се родил и каде сме живееле со семејството. Секако, секојдневно играње фудбал во маалото, и почетокот на тренирањето фудбал во тогашниот ФК „Единство“ во 1959 година. Го забележаа мојот талент кога игравме на мали голчиња и ме повикаа да тренирам. И така се почна: натпревари, со 16,5 години играв истовремено и за младинскиот и за првиот тим. Се случувало и по два натпревари во еден ден. А потоа најголемиот исчекор – трансфер во „Вардар“ во 1962 година. Кој од скопски момчиња не посакал да го облече вардаровиот дрес, да игра на Градски стадион. Тоа е она кога ви се остварува сонот…

о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Тука не се врзувам за градби, за населби и слично. Кога ќе кажам дека во срцето повеќе ми е она старо Скопје тогаш мислам на тоа дека во него имало многу поголемо другарување отколку што го има сега. Се почнуваше од маалото, со детски игри што сите ги игравме. А потоа, како што растевме, почнаа и излегувањата, прошетки, скопско корзо… се заедно со пријателите кои тоа ви го останаа цел живот. Тогаш немаше такви разлики меѓу луѓето какви што има сега. Бевме на некој начин еднакви… никој не отскокнуваше со некаков статус или слично. Сега сето тоа како да го нема во градот.

o Скопје и скопјани даваат и плаќаат многу, но дали институциите и градоначалниците им враќаат доволно?
– Не би сакал да зборувам конкретно за ова или онаа личност која што го водела градот. Се ставам помалку и во нивна ситуација. Толкави грешки се направени во развојот на градот што тешко може воопшто и да се поправат. Може да се сменат само нијанси но тоа не е доволно. За да се смени нешто темелно потребно е долго време и тоа не зависи само од оние што го водат градот туку и од сите нас.

o Дали Вие доволно му дадовте на Скопје?
– Јас, секако, не сум тој што треба да го каже тоа. Тоа треба да го кажат оние кои доаѓале во неделите на Градски стадион да ги гледаат натпреварите на „Вардар“ и сите други каде сум настапувал. Знам само дека на теренот сум давал се од себе, да се постигне гол, да победиме, да им приредиме радост на навивачите. Среќен сум што сум одиграл толку натпревари во дресот на „Вардар“ , што сум дал толку голови, што сум бил еден од двајца Македонци кои настапиле на „Маракана“ пред повеќе од 100.000 гледачи против Бразил предводен од Пеле, јас како дете од скопски Чаир…

o Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Тоа се сите оние објекти и работи кои ги собирале луѓето и кои со тоа му давале посебен дух и шарм на градот. Тоа се корзо, плажите на Вардар, фудбалскиот клуб „Вардар“, Старата чаршија, Офицерски дом, Стариот театар, празнување на Прочка на Кале, на Велигден… Тогаш луѓето го поминуваа времето заедно, се негуваа пријателства, дружења. Имавме сите чувство дека му припаѓаме на градот и дека тој ни припаѓа нам.

o Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Секако дека не треба да расте. Веќе е дојдено до граници кои не мож
е да се издржат.Тоа го гледам секое утро кога во утринските и попладневните шпицеви има колона на возила по улицата „Васил Ѓоргов“. Знам дека градот тешко може да се намали. Кој сега би се вратил во место од кое што дошол во Скопје? Никој. Треба да се заострат условите за добивање на скопско жителство, треба да се развиваат градовите во внатрешноста. Ги разбирамо луѓето зошто сакаат да се преселат во Скопје бидејќи немаат работа и услови за живеење. Тоа треба да им се овозможи таму за да не сакаат тука да се преселуваат.

o Во какво Скопје сакате да живеете?
– Сакам да живеам во градот во кој сите се задоволни но и во градот во кој сите граѓани ќе го чувствуваат како свој. Градот не се сака со фрлање на кеси со отпадоци од балконите, со фрлање на ѓубрето насекаде по улици. Не можат комуналците никогаш да го исчистат градот кога тој толку се загадува. Мора да се воспостави една култура на градското живеење а таа се постигнува со почитување и со сакање на градот.

o Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Ми недостасува миризбата на липите, на багремите по градските улици. Тоа беше нешто по што градот се препознаваше во раната пролет. Сега, се помалку ја имаа таа миризба и јас би сакал да се врати. А би ги одзел гужвите, метежот, сета она недоправеност на градот која прави секојдневно да се нервираме и доживуваме стресови заради тоа што се дозволило и се уште се дозволува да се градат преголеми објекти на мали простори кои не можат да примат толку луѓе и возила.