Успеав да „откопам“ две бронзи на Олимпијада по геонаука

Фактот што во нашите училишта мошне ретко се прават експерименти и набљудувања од областа на геонаука не бил хендикеп за Оливер Куновски, ученик во втората година во скопската гимназија „Орце Николов“. И тој, како и останатите тројца членови на нашиот тим кој ја претставувал нашата држава на неодамнешната светска Олимпијада по геонаука што се одржа во Даегу, Јужна Кореа, биле добро подготвени благодарение на нивните ментори. Тоа и талентот кон овие науки, на крајот резултирало со фактот нашиот тим да освои четири награди: Оливер освоил бронзен медал во главната категорија (писмен и практичен тест), како и бронзена награда во категорија на презентација на истражувањето, која ја освои и Кристина Спасовска која доби и златен медал во категоријата на практични истражувања.

-Конкуренцијата навистина беше силна бидејќи учествуваа преку 180 ученици – средношколци од 42 држави од сите континенти. Ова Олимпијада која траеше девет дена се одржува веќе 13 години и е една од 13-те Меѓународни научни олимпијади. Секоја екипа имаше по четири ученици и најмалку по еден ментор. Бевме поделени во 18 мешани тимови од по 10 ученика и секој ученик се натпреваруваше во четири категории – писмен и практичен тест, презентација на теренско истражување и проект-презентација, ни објаснува Оливер.

Пласманот на Олимпијадата тој го обезбедил со тоа што на општински и регионален натпревар по географија освоил две први места, а на државниот бил трет. Најдобрите четворица ученици се квалификуваа за Олимпијадата и потоа имаа тримесечни подготовки со менторите Ивица Милевски и Свемир Горин, како и Билјана Апостоловска- Тошеска, сите професори на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

-Мене многу ме привлекуваат геонауките. Тие се комплексна наука која ги изучува појавите и промените во сите четири земјини сфери (гео, атмо, хидро и биосфера) и нивното меѓусебно влијание. Самата наука е поврзана со нашето секојдневие (загадување, климатски промени и сл.) и се поголема е активноста да се стопираат и намалат негативните влијанија кои ги предизвикува човекот на сметка на нашата планета, потенцира овој талент.

И прашањата од четирите писмени теста на Олимпијадата беа врзани за промените во четирите сфери при што секој имаше по петнаесетина прашања – за карпи, вулкани, ледници, морски струи, врнежи, ветрови, зголемувањето на температурата…. Практичните тестови беа извршувани во лабораторија и на планина: на терен требаше да утврдат за каков вид карпа станува збор, редоследно да ги поврзат настаните од минатото, а во лабораторија каква густина има и слично.

-Задачата во рамките на презентацијата како тим требаше да објасниме што сме забележале и дознале од фосилните стапалки и слично. Во секој случај, беше ова големо искуство кое сакам да ми се повторува, ни вели Оливер.

Дилема околу идната определба
Овој млад талент ни посочува дека се уште не решил дали ова научна област ќе биде и негов иден професионален избор.

-Секако дека ме привлекуваат гео-науките, но јас се уште сум млад и ме интересираат и други области како информатика, математика… Веројатно дека моето натамошно образование ќе се движи во некои од овие правци, наведува тој