Успехот на РК Вардар треба да се искористи за паметно инвестирање во инфраструктура, школување тренери…

Љубомир САВЕВСКИ, наш познат ракометен тренер и поранешен селектор, го прашуваме за последниот успех на ракометарите на „Вардар“ и како тој да се задржи и во иднина и прошири и на другите спортови…

о Како го објаснувате феноменот на РК „Вардар“ – да се освои европски трон во така тешки финансиски и други услови?
“Феноменот Вардар”започна уште пред 5-6 години со доаѓањето на нов газда (Самсоненко) кој со огромен буџет за наши услови, добро знаеше како за релативно краток период може во ракометот да се направи голем успех. Создаде тим на соработници кој како него беа гладни за успех и афирмација и учествуваа во креирањето јак колектив способен да се носи со сите предизвици (видливи и невидливи) во ракометна Европа. Истовремено, успешно ги спроведе идеите на врвни ракометни зналци (пред се на Т. Душебаев па Коксаров, Периќ и други), имаше одлична селекција на тренери и играчи што многу помогна во брзо создавање на супер тим.
Вардар стана мешавина на екстра квалитени (докажани) и екстра талентирани (недокажани) ракометари кои освен талентот и ракометно знаење ги красеше и особина никогаш да не се откажуваат и предаваат. И така се створи “ФАМИЛИЈА ВАРДАР” – тим победник, тим со иклучителен карактер, тим кој се носеше со сите предизвици и проблеми. Секако, голема помош имаше и од изворедната публика која беше 8 играч.

о Постои неизвесност во однос на идниот опстанок на клубот. Дали државата или Градот Скопје треба да преземат грижа околу клубот? Дали целосна или во соработка со приватни инвеститори? Каков модел Вие би предложиле?
Јас застапувам концепт во кој државата или локалните власти не треба да бидат главни и најголеми финасиери. Државата, преку донесената регулатива, а не паушално, треба и мора да ги наградува парично за секој нивен голем успех. Може да дава и олеснувања за инфраструктура, за спортски објекти, може да помага со авионски карти за патувања и слично. Локалните власти, какви што се Градот Скопје или општините, исто така, може финансиски да им помагаат на клубовите. Но, да им помагаат на сите и до ниво на кое ќе им обезбедува постоење, учество во натпревари, плаќање на котизации за првенства, набавка на опрема… Не можат тие да бидат главни финансиери на некој клуб оти таквото учество секогаш може да биде злоупотребено. Тоа отвора простор и за корупција. На пример, локалниот функционер да исплати на клубот голема сума на пари како донација, а потоа долем дел од тие пари да му се вратат на негова приватна сметка.
Главниот извор на финансии сепак мора да дојде од приватни спонзори. Така е и сега во случајот на Вардар. Локалните власти може да го помагаат но главни средства треба да дојдат од приватни спонзори кои ќе најдат свој интерес да финансираат европски шампион. Тоа би можел да биде модел на акционерско друштво или слично. Јасно, државата треба да им даде даночни олеснувања на фирмите кои го финансираат клубот но тоа треба да биде под строга контрола. Да не се случува да фирмата, на пример, дава 10.000 евра како спонзорство, се ослободува од данокот за тоа, а потоа клубот на тој бизнисмен му враќа 9.000 евра, како што кај нас често се случувало.

о Зошто во македонскиот спорт немаме повеќе вакви успешни примери?
Примерот со РК Вардар не може да се преслика во други клубови (спортови) затоа што објективно толкав буџет не може да се обезбеди, посебно не во фудбалот и во кошарката. Тоа што можеме да направиме за подобра иднина на спортот е паметно да инвестираме во инфраструктурата, школување на квалитетни тренери, подобрување на организираноста и многу,многу работа.

о Како до нови таленти, нови генерации играчи, во ракометот, во кошарката, фудбалот… За да се радуваме и во иднина?
– За ракометот (посебно) е многу важно да се искористи оваа позитивна клима и популарност во моментот, за правилно селектирање и многу подобра работа со младите категории. Би било идеално ако се искористат искуствата на скандинавските земји, Словенија, Хрватска, кои се рекордери во освоените медалји на сите такмичења во младите категории. Кога ќе бидеме рамноправни со сите врвни репрезентации во младите категории (а не да губиме по 15-20 разлика) тоа ќе биде знак дека добро сме одработиле.
Јас се залагав тука да се донесат тренери од скандинавските земји кои би ни ги пренесувале искуствата. Или, зошто, на пример, не се искористи присуството на врвни тренери и нивни помошници кои работоеа и се уште работат во „Вардар“ па на нивните тренинзи да бидат и своевидни училишта за наши млади тренери. Од нив можеа многу да научат но тоа не се прави.