Утре промоција на делото „ За Македонските Работи“ од академик Љупчо Коцарев

Промоција на делото „За Македонските работи“ од претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ќе се одржи утре на пладне во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ во Скопје. Промотори на изданието ќе бидат академиците Витомир Митевски и Катица Ќулавкова.

Во ова дело авторот застапува есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со изострено чувство за критичка опсервација ги анализира македонските состојби. Книгата е составена од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, „Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Во аналитичките и студиозни текстови, Коцарев ги поставува прашањата: „Како/Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија.

Академик Љупчо Коцарев е редовен професор на УКИМ – Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли). Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка, во Европската Унија.

Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.

Академик Љупчо Коцарев спаѓа во редот на водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (2020, 2021).