Ужасни ми се инфлуенсерите и баналноста со која не бомбардираат

Не можам да оправдам еднолична програма кога се базира на ТВ серии кои постојано верглаат во ист шаблон, вели Нелковска

 Драматург по вокација, Ивана Нелковскаво својот дом нема ТВ-применик, но сепак има што да каже за она што го нудат телевизиите…

 Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

– Немам телевизор веќе 8 години и повремено кога одам на гости ѕиркам што нудат телевизиите. Решив сама да решам што гледам и каква програма следам, но во исто време се одвоив од спонтаноста да се начека некој добар филм, документарец, емисија, квиз на ТВ. Случајно вртејќи по програмите кога сум некаде се изненадувам од новитетите на кои можам да наидам (се разбира, македонските телевизии, на жалост, не се трудат за инвентивна програма). Препорака за што да се гледа секако варира од сечиј вкус, но информативниот и забавен карактер на некои емисии за мене е на врвот на листата. На пример, многу сакам репортажи или мини докуметарци за актуелностите во модерното живеење, технологија, наука, современи трендови… Бев изненадена од еден квиз на италијанска телевизија и неговата забавност, ништо претенциозно, без отповарување дали некој има одговори за невозможни прашања туку едноставно поврзување на луѓе со не толку актуелни професии...

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

– Дефинитивно пропаганди. Програми кои нудат само една перспектива и пропагираат пријатели и непријатели. Секој има своја вистина и секогаш е убаво да се видат повеќе призми. На пример, одлично е да има дебатни емисии со гости кои не делат исти светогледи ама само кога се транспарентно изнесени и им е дадено еднакво време на спротиставените страни. Анализите исто така се доста интересни за одредени јавни ставови само секогаш кога нашите истражувања се во фокус не сум сигурна колку истите се релевантни.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

 Секоја тема има своја публика, секоја форма е забавна за некој, само не можам да оправдам еднолична програма кога се базира на ТВ серии кои постојано верглаат во ист шаблон. Од жолта штампа и трач тематики, исто така, не гледам некоја корист затоа што е репетитивна, досадна и не провоцира никаков мисловен процес, само конзумираме како гледачи. Исто така, ми се ужасни инфлуенсерите и баналноста со која не бомбардираат, а во исто време ја праваат спектакуларна. Празно е. Пред некое време гледав една емисија со јавни личности како гости, но тоа што ме налути е зошто гледам луѓе кои апсолутно ништо немаат создадено (youtube и инстаграм профил не се смета за создавање нешто), а интересни ликови кои истражуваат, креираат и работат на подобрување на општеството едноставно не се забавни да бидат ТВ гости.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

 Со еден другар од Битола се смеевме дека ако има мал земјотрес во Скопје сите телевизии брчат, а ако поголем се случи во Битола ќе биде пропратна вест. Доста се лутат на Скопје. Како и да е, сметам дека граѓаните на Скопје и сите светови кои ги имаат, се трудат да ги оформат или ги посакуваат не се доволно застапени. Ама како што го одговарам ова прашање така и си откривам дека Скопје самите го имаме запоставено во смисла дека културно-забавниот живот кој полека но сигурно умира, па може и за тоа не ни може да биде нешто многу интересна новинарска тема.

Претходна вестЗошто Арсовска е бавна во престројувањето на илјадната армија скапи градски административци?
Следна вестСпецијалци влегоа во затворот „Идризово“