Она што македонската јавност со години го зборува, сега го потврдува и известувачот за Македонија, Томас Вајц. Имено, тој напиша писмо до Европскиот парламент, во кое отвора дилема и бара одговор – дали за Македонија важат поинакви стандарди за членство во ЕУ.
Тој во писмото побара од ЕУ-функционерите јасно да кажат дали вториот протокол од мешовитата македонско-бугарска комисија е обврзувачки дел од
преговарачката рамка или само билатерален инструмент без правна тежина во ЕУ. Оти ако протоколот содржи идентитетски услови, Вајц јасно предупредува дека тоа е во судир со основните принципи на Унијата за почитување на човековите права, затоа што ниту една друга земја-кандидат не се соочила со вакви барања поврзани со историја, јазик или учебници.
И додека евро-политичарот Вајц и пишува на ЕУ за да укаже дека Македонија нема фер услови на пристапниот пат кон Унијата, писмо до
челниците на ЕУ ќе пишува и претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Ама за разлика од Вајц, тој ќе пишува дека проблемот не е во Брисел, туку дома
кај Христијан Мицкоски.
Парадокс е што во момент кога и почнаа и дел од европските политичари да признаваат дека Македонија нема фер услови на патот кон ЕУ, кај нас се уште има политичари на кои поважно им е да се допаднат на странските центри на моќ, отколку да застанат зад ставот што го делат мнозинството македонски граѓани.





