Ваков игнорантски однос кон барањата на народот не е виден

Колумна на Борче Милошески:

Колку што имаше можност да забележи јавноста, министерката за образование и наука и овие денови повторно покажа игнорантски однос кон неколкуте десетици илјади граѓани кои се противат на нејзината политика во однос на образованието, одбивајќи и средба со претставници на ова, би го нарекол веќе и движење.  Нејсе, веќе во еден од минатите броеви пишував како нема конзистентност во излагањата на министерката (ниту реална туку привидна транспарентност) ниту во идеите за промените во однос на учебникарството и како делот од јавноста која реагира на нејзиниот однос и несериозност има потполно право да реагира.

Колку и да се обидуваше министерството да прикаже дека приближно изминативе две седмици нема значаен бојкот во училиштата, (иако се разбира тешко е мерлив прецизно бројот), сепак, повеќе од евидентно е дека во голем број на училишта во Македонија, голем број на класови, групи на ученици и поединци, со поддршка од своите родители, тенденциозно во знак на протест ја бојкотираа наставата. Многумина ученици и родители веќе се пожалија до детската амбасада Меѓаши дека им бил вршен одреден притисок од раководството на училиштата а понекогаш и од наставници да го прекинат бојкотот. Но и покрај тоа што голем дел од учениците од основното и средното образование во Македонија бојкотираа, според министерката ова беа своевидни изолирани случаи бидејќи во тој контекст МОН излезе и со официјална изјава.

Ми се чини дека досега во независна Македонија, ваков игнорантски однос кон барањата на народот од страна на било кој министер, а особено од министер за образование не е виден.  Во целата ситуација, ,,масло на огнот” долеа и ,,дежурниот” проф. Мирјана Најчевска, која изјави дека родителите кои реагираат против оваа политика на МОН биле ,,неписмена багра”. Искрено, не знам од која позиција си дозволи ваква генерализација и не сакам да бидам престрог, но оваа изјава се граничи со една страшна идеологија која се појави во првата половина на 20 век во Европа.

Факт е дека голем дел од народот во општа смисла, без разлика на национална и етничка припадност, пол, раса и вероисповед, се спротиставува на актуелната политиката на МОН. Веќе се доведуваме до едно основно прашање а тоа е многу едноставно, односно, дали еден министер треба да работи за народот или против него?  Патем, да не заборавиме дека овие турбуленции се случуваат за време на пандемија во која што не само повозрасните туку и децата се соочуваат со опасностите од неа.

Претходна вестВремето денес облачно и посвежо со врнежи од дожд
Следна вест55-годишен скопјанец им влегол во двор и им извадил бомба