Од „Левица“ објавија дека професорката Билјана Ванковска, која е нивниот кандидат за претседател на Македонија ги собрала потребните 10.000 граѓански потписи.
-Професорката д-р Билјана Ванковска и официјално го доби легитимитетот да биде претседателски кандидат. Со собраните 10 000 потписи за рекордно време, конечно Левица и работниот народ на Македонија ќе имаат претседателски избори со избор, потенцираат од партијата.
Додаваат дека со тоа, партијата фронтално ќе се пресмета со СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а народот ќе има можност да избере претседател кој суверено ќе ги брани националните интереси на Македонија, наместо да биде марионета на странските амбасади и вазал на туѓите државни интереси.
Професорката Ванковска на фејсбук објави:
-Им благодарам од срце на сите кои со активизам, слободна волја, посветеност и љубов се вклучија во кампањата за собирање на потписите! Огромна благодарност на оние 10,000 + кои излегоа од дома да дадат потпис. Однапред им благодарам и на оние кои најавија дека и во наредните денови, до 8 март, ќе сакаат да ме поддржат. Ние ќе тераме сѐ до Денот на жената, кој ќе го одбележиме како што доликува и во духот на Роза Луксембург и Клара Цеткин.
Конечно , ги поздравувам и оние кои ниту ми посакаа среќа ниту ми честитаа, а се нарекуваат мои пријател(к)и. Можеа од куртоазија да пратат збор, па дури и скришно/приватно, но молкот бил нивен избор. И нека остане на тоа. Во тешки времиња човек открива многу за луѓето и за себе.
Ќе се борам до крај – до 8 мај!Со љубов за Македонија, хуманизмот, социјалната правда, интернационализмот, соработката и мирот, како единствен начин да создадеме пристоен и достоинствен живот за сите наши граѓани, напиша Ванковска.
Инаку, до сега потребните потписи ги собраа Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.