Претседателската кандидатка на партијата „Левица“ Билјана Ванковска, на синоќешниот митинг пред граѓаните во Велес рече дека во претседателската трка не влегла за фотелја или други привилегии, туку за национална кауза.
-Посакувам да чекориме по овој пат борбено, со чесност и доследност. Она што не разликува од тркачите на кратки патеки е тоа што трчаме маратон. Не се задоволуваме со столче и позиција. Имаме кауза“, рече Ванковска.
Таа на митингот најави дека во недела на државната телевизија е закажана дебатата на кандидатите за претседател. Но, како што истакна таа, пет од седум претседателски кандидати ја прифатиле дебатата. Двајца од оние кои не прифатиле се актуелниот претседател Стево Пендаровски и актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Ванковска рече дека таа е практично единствената опозиција на оваа дебата. Според неа, таа и Левица не бараат реформи, туку радикална промена на се што постои во државата.