Вардаровата борба за европскиот трон треба да стане македонско однесување

Ракометарите на Вардар не израдува. Ракометарите на Вардар не направија горди. Но ракометарите на Вардар ни одржаа и лекција која може многу подолго и посилно да влијае на нашите животи од неколкудневната радост и гордост.

-Не е се во парите, пред се е во срцето, рече капитенот на ракометарите Стојанче Стоилов. Ова е дел од таа лекција, ова е суштината на објаснувањето на феноменот на огромното спотско постигнување. Срцето, односно, искрената желба за победа на оние кои однапред беа прогласени за поразени, многупати ги победувала фаворитите.

Во случајот на ракометарите на Вардар е типично тоа што срцето работеше и зрачеше долготрајно, а не само на еден натпревар. Точно е дека финалето во Келн беше најважно, но срцето одработи во целиот циклус на натпревари, а и упорно пумпаше кога клубот имаше финансиски проблеми, главниот спонзор рускиот бизнисмен Самсоненко најави заминување, прекини на договори најавија и седуммина играчи, играчите девет месеци не примија плати… Е, за такво срце е лекцијата која ни ја одржаа ракометарите. Не наоѓаа изговори, ништо не ги реметеше… оти беа решени да бидат најдобри во Европа.

-На мојот дванаесетгодишен син му ја објаснив оваа спортска лекција која е важна за животот. Првпат ме слушаше внимателно оти е одушевен од ракометарите, му објаснив дека сето постигнато е со многу работа, и без да се предадат на тешкиот пат до успехот дури и кога сите околу нив дигнале раце, само затоа што верувале дека можат. Чинам ќе запамети, вели Тони Ангелов.

Ваквиот успех на РК Вардар е реткост и во Европа. Заради сето тоа триумфот на скопските ракометари е нешто од што сите во земјава треба да учиме и да се земе како пример како сите треба да се однесуваме кога се соочуваме со одредени проблеми при реализација на своите планови. Ракометарите како да и порачаа на Македонија како држава, што треба да прави за да биде почитувана.

-За да се биде шампион на Европското првенство без неколку месечни плати тоа значи дека си борец. На пречекот во Скопје се виде колку е сплотен нашиот народ без разлика на која вера и националност припаѓа. Само напред на сите полиња. Сплотени ќе успееме во се, смета скопјанката Зора Петровска.

Пораката од келнската, но и сите претходни арени во кои играа нашите ракометари беше и таа дека нема простор за малодушноста, за бегање од стравот од неуспехот, за заминување од земјава што сега е избор на многумина од младата генерација. Се потврди дека и во Скопје може да се создаде нешто што е најдобро во Европа, нешто што е вредност и што е „фирма“ која станала светски бренд.

– Секако дека треба да се верува во себе и сопствените можности. Ако не се верува Вардар немаше од три пати два пати да стане првак на Европа. Срцето и вербата дека може да се покори Европа ни ја носат победата, иако има поголеми и побогати од Вардар. Но тие го немаат карактерот срцето и пред се инаетот на Вардар, смета скопјанецот Зоран Китановски.

Едноставно, ракометарите покажаа како може да се надминат сите проблеми во ситуација кога секој им претскажуваше пропаст. Тие не се расправаа со управата, не се караа меѓу себе, го задржаа мирот и добри односи, а на теренот покажуваат колкави вредности имаат кога одат кон опрделената цел. Тоа е нешто што во Македонија многу недостасува и добро е оваа лекција да биде добро научена од сите.

Кога ќе успееш, ти се лепат и тие што те рушеле
Кога ќе постигнеш голем успех, многумина што претходно те отпишале ќе пробаат да ти се залепат и да те убедуваат дека баш тие не те отпишале. Ќе вадат пари да помагаат и тие што те рушеле, само за да чепнат од славата и за да му се додворуваат на народот кој ги сака успешните. Ова е исто така дел од лекцијата која ја добивме и гледаме по донесувањето на шампионскиот пехар повторно дома – во Скопје.