Вархеји сака договор во јуни, Петков со три барања кон Скопје

Сакам јасно да кажам дека Бугарија има три јасни барања за да имаме напредок на темата Северна Македонија, порача денеска бугарскиот премиер Кирил Петков. Тој одржа прес-конференција по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Софија.

-Последните денови слушав невистинити тврдења, дека бугарската влада има две надворешни политики и што сè не. Прво барање е запазување на рамковната позиција која што беше усвоена во бугарскиот парламент. Второ, вклучување на Бугарите во Северна Македонија во уставот на Северна Македонија за да можат нивните права да бидат заштитени. Трето, да се исполнува Договорот за добрососедство. Тоа се нашите дискусии, претходно и сега, и работиме заедно да видиме дали е возможно ЕУ да биде гарант за овие три услови, изјави Петков.

Оливер Вархеји, пак, рече дека Европската комисија се надева да се стигне до решение до средбата на европските лидери на крајот на месецот.

Сè уште нема решение и тоа многу нè фрустрира. Не можеме да продолжиме напред со процесот на приклучување на Северна Македонија кон ЕУ без сите држави членки да го одобрат тоа. Сè уште очекувам поддршка од една држава, конкретно Бугарија, и работиме на тоа со сите овие разговори кои што ги имав тука, како и во Скопје. Би сакале да видиме договорот да се постигне во јуни, додаде Вархеји.

Петков ги отфрли тврдењата на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која е од партијата ИТН на Слави Трифонов, дека бугарскиот премиер на средби европски дипломати разговарал како да се заобиколи ветото на Бугарија за Македонија.

Од друга страна, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска денеска најави дека ќе поднесе оставка, поради тоа што дознала дека премиерот Кирил Петков водел разговори со европски дипломати за тргање на ветото за Македонија. Генчовска за БТВ изјави дека во текот на денот ќе ја депонира нејзината оставка до Собранието, поради што не знае дали таа ќе присустува на престојната средба со германскиот премиерт Олаф Шолц, кој в сабота доаѓа во посета на Скопје и Софија.

Претходна вестПендаровски ја претстави Рамката за развој МКД 2030: Економски раст, енергетика, дигитализација и образованието
Следна вестЗа три години Владата потрошила 5 милиони евра за возила на лизинг