Велјановски: Заложбите на Јакимовски за бетонизација на Карпош се личен интерес на него и неколку бизнисмени

Денешната прес-конференција на Стевчо Јакимовски за прекин на коалицирањето е реакција на цврстите заложби на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по ниедна цена да не се дозволи понатамошна бетонизација на Карпош на штета на зелениот простор во општината, соопшти денеска советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош. На прес-конференцијата советникот Роберт Вељановски рече дека нивните несогласувањата на оваа тема со Јакимовски се од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Карпош. Тој рече дека Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, одбрал да продолжи по стапките на Стефан Богоев.

-Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобрија неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интересот на бизнисот не му служат никому. Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата продолжува со намерите да штанца градежни дозволи. Јакимовски и денес сакаше да помине нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, како и претходните негови обиди за усвојување на ДУП-ови со нови згради, така и за овој Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не даде поддршка на планот и на денешната седница истиот не беше усвоен, нагласи Велјановски.

Тој рече дека принципиелните заложби на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите и ветувањата пред граѓаните се нивната единствена водилка и приоритети кон кои се стремаат.

-Жал ни е што во овие наши заложби градоначалникот не се препозна, ниту пак ни се придружи. Разликата е јасна. Од една страна ние со заложбата за хумана урбанизација и зелен Карпош, од друга страна Јакимовски со неговите заложби за продолжување на бетонизација.