Велосипедистите и мотоциклистите возеа дефиле за поголема безбедност во сообраќајот

Преку 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти возеа на дефилето под мотото – „ЈАС ВНИМАВАМ И БЕЗБЕДНО ВОЗАМ“ кое се одржа во Скопје. Целта на дефилето е да се подигне  свеста за поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, како и за користењето на заштитна опрема.

Дефилето беше организирано од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), а партнери беа компанијата ОКТА, Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност од Скопје и Црвениот крст. Велосипедистите и мотоциклистите тргнаа од различни локации, а дефилето го завршија на платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“. Велосипедистите возеа од велосипедската патека на кејот кај хотелот „Холидаѕ Инн“, а мотоциклистите од фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк. На манифестацијата пред присутните се обрати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:

-Денешниов настан, односно ова велосипедско и мотоциклистичко дефиле, за Министерството за внатрешни работи претставува своевиден континуитет на нашата решеност за постојано унапредување на безбедноста во сообраќајот и секако за заедничко делување на сите чинители кои што на еден или друг начин имаат потенцијал и обврска да сторат сѐ за воспоставување на квалитетни сообраќајни безбедносни стандарди. Добро е познато дека МВР заедно со РСБСП со години наназад имаат исклучително богато портфолио на заеднички кампањски, едукативни, нормативни и други проекти во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот, рече тој.

Безбедноста во сообраќајот и безбедноста на патиштата е главен фокус и на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

-Во рамките на своето делување РСБСП организира и спроведува низа едукативни активности, како обуки, продукција на материјали, настани и кампањи со што конкретно работиме на поголема едукација на велосипедистите и мотоциклистите, како и на останатите учесници во сообраќајот. Покрај тоа, во континуитет работиме и на истражувања и анализи, преку кои се лоцираат слабостите во безбедноста на сообраќајот на патиштата, но и можните начини како тие да се надминат. Сепак, за поголема безбедност клучна е личната одговорност на секој учесник во сообраќајот. Затоа настаните како овој денес се многу важни, па сакам да упатам апел до јавноста – секој од нас влијае за безбедноста на сообраќајот, затоа да бидеме внимателни и за себе и за другите и да се однесуваме одговорно, рече Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП.

Во рамки на долгорочната кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“, компанијата ОКТА за учесниците во дефилето обезбеди велосипедски ѕвончиња, безбедносни велосипедски светла и заштитна кациги.

Претходна вестСпасовски: Учениците кои правеа списоци и носеа ножеви на школо не биле сериозни
Следна вестОблачно и дождливо