„Вердиевиот реквием“ во четврток во Македонска филхармонија

Во четврток, на 25 април, во 20 часот, Филхармонијата заедно со Хорот на Операта ќе го изведат едно од најмоќните дела во историјата на музиката – „Реквием“ од Џузепе Верди. И сето тоа зачинето со моќните гласови на Весна Ѓиновска-Илкова (сопран), Елени Матос (мецосопран-САД), Дејвид Јунгхон Ким (тенор-Кореја) и Милан Силјанов (бас-баритон), под диригентската палка на Бугаринот Емил Табаков.
„Реквием“ на италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди се смета за едно од најмоќните, најдраматичните дела во историјата на класичната музика. Оваа творба претставува прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици“ кои ја растеретуваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува. Делото е посветено на двајца славни италијански уметници – писателот Алесандро Манцони и композиторот Џоакино Росини.