Повеќето скопјани сакаат да спортуваат. Но, за жал Скопје нема доволно спортски терени или оние кои ги има не се доволно одржувани.
Затоа и пред некој ден жителите на Железара со одобрување ја примија веста дека премиерот и градоначалникот на Општина Гази Баба удрија камен-темелник за нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев” во таа населба.
Претходно низ Скопје се поправаа и некои игралишта, а се најавува и дека ќе се реконструираат други.
Добро. Но, каде скопјани да пливаат, во пренаселеното Скопје има само 3-4 базени? Да се плива во Вардар не е баш добро, може да удриш во шпорет или перална што некој ги фрлил во реката или загадената вода да те разболи.
Впрочем, затоа и низ годините градот добиваше ветувања дека ќе бидат изградени нови базени. Ете поле каде може да покажат новите градоначалници дека се различни од претходните.
Во секоја скопска општина има потреба од барем еден нов базен. Што се чека, барем некаде нека се почне со градење.



